Рускиот претседател Владимир Путин предложи назначување на Андреј Белоусов за министер за одбрана, а оваа функција претходно ја имаше Сергеј Шојгу.
Андреј Белоусов е роден на 17 март 1959 година и досега ја извршуваше функцијата вицепремиер.
Од 1981 до 1986 година Белоусов беше практикант-истражувач, а потоа и помлад истражувач во лабораторијата за симулација на системи „човек-машина“ на Централниот економско-математички институт на Академијата на науките.
Тој беше надворешен советник на премиерот шест години, од 2000 до 2006 година. Потоа, две години, од 2006 до 2008 година, беше заменик министер за економски развој и трговија.
Од 2008 до 2012 година беше директор на секторот за финансии и економија во кабинетот на рускиот премиер. Потоа една година, од 2012 до 2013 година, тој беше министер за економски развој на Русија.
Тој ја извршуваше функцијата помошник на претседателот на Руската Федерација од 2013 до 2020 година, а потоа беше именуван за прв потпретседател на Владата на Руската Федерација.
Белоусов има докторат на економски науки, се наведува на официјалната веб-страница на руската влада.
Да потсетиме Сергеј Шојгу ќе ја извршува функцијата секретар на Советот за национална безбедност.