Кумановски етнолози: Исчезнуваат обичаите за Василица во кумановско

– Исчезнуваат обичаите поврзани со празникот Василица во кумановско, велат етнолозите од кумановскиот музеј. Свети Василиј се прославува и како домашна слава, а во голем број семејства во кумановско се подготвуваат јадења во кои главна состојка е пченкарно брашно. Традиционалното јадење кое се подготвува секоја година е качамакот од пченкарно брашно кој се служел со сланина и сирење. Овошјето, виното и ракијата се присутни на трпезата.

Инаку, традиционално на кумановската трпеза од дамнина до денес, домаќинките спремаат, топеница или качамак се користи свинска маст како и производи од свинско потекло како чварки, сланина и суво месо сето оваа се надополнува со расолница и домашно црвено вино.

Дел од обичаите кои беа карактеристични за овој крај, веќе исчезнуваат, но етнолозите од кумановскиот музеј ги документираат со фотографии и видеозаписи за да се зачуваат од заборав. Различни обичаи имало во кумановските села, во не толку далечно минато.

-Според јулијанскиот календар на 13 јануари на полноќ настапува Православна Нова година а на 14 јануари е празникот Василица кој се поврзува со светецот Свети Василиј Велики за кој пак се поврзани повеќе народни обичаи кои денеска се во изумирање на повеќе места, а во градот целосно се изумрени. Иако, во најголем број во кумановските семејства обичајот со кршење на лепче со паричка се изведува за време на бадниковата вечера, претставниците на христијанската црква во последните години апелираат дека овој обичај треба да се случува токму на Василица, појаснува, кустос-советник Анита Стојчевски од НУ Музеј Куманово.

Според верувањата, појаснуваат етнолозите, празникот се паѓа во време на т.н некрстени денови (период од Божиќ до Богојавување). За да се избркаат лошите духови во одредени краишта како што се Орашац се изведуваа поворките „Џамалари“. Оваа обредна игра под маски позната како „Џамала“ и во неа учествувале исклучиво машки лица со антропоморфни и зооморфни маски. Џамаларите или како уште ги нарекувале „сировари“ на овој ден оделе од куќа на куќа, пееле обредни песни и со себе носеле „тропатала“, со цел да се разбудат домаќините и да се сетат на традицијата, зашто добивале храна и пари.

-На крај на денот се собирале на сред село, палеле огин, што всушност означувало почеток на Нова година, раѓање на ново Сонце и го одбележувале почетокот на нов период, додава Стојчевски.

Етнолозите велат дека обичаите за празниците се дел од духовната култура и дел од традиционалното народно творештво.


Пронајдете не на следниве мрежи: