По повеќе од една година исполнета со неизвесност, очекувања, терапии и стравови, омилената ТВ-водителка победнички може да каже дека е здрава. Во битката со канцерот, победникот е Лила.
Таа првпат отворено и непосредно зборува за својата најголема животна битка во новиот број на списанието за жени „Убавина и здравје“.
-Се чувствувам одлично, победнички! Последниот пет-скен покажа дека канцерот се повлекол и дека сум здрава! Имам измешани чувства. На моменти се смеам гласно, па ќе ми надојдат солзи… Повеќе од една година бев во постојана неизвесност и сонував за овој момент кога докторите ќе ми кажат: „Лила, во оваа битка ти си победникот!“ За среќа, го дочекав тоа.
Кога ќе помислев колку многу жени го поминале или го поминуваат мојот пат, си велев дека не морам сега да ги заморувам луѓето со мојот здравствен проблем. Што би се случило кога сите би давале интервјуа за своите проблеми?! Од друга страна, пак, веќе 25 години ја споделувам мојата интима со публиката, раскажувам за моите патувања, препорачувам производи и сметав дека е чесно да кажам дека се соочувам со сериозен здравствен проблем, дека ми дијагностицираа канцер на дојка и дека болеста не избира! Знаете, кога ја слушнав дијагнозата, бев во тотален шок! Можеби и ќе вриснев, но останав без глас.
Првата помисла ми беше: Дали е ова мојот крај? Уште колку имам? Потоа се сетив колку многу жени има што ги познавам и кои излегле како победници. Ми поминуваа разни мисли, но, за среќа, тоа траеше кратко. Само зедов здив и ја прашав мојата пријателка, доктор Вики: Што прво треба да се направи? Од каде да почнам? Се фокусирав на патот што ме очекуваше и се трудев да размислувам позитивно. Среќна сум што имам неколку добри, вистински пријатели кои ми се како семејство, кои беа покрај мене и ми го олеснија патот. Бескрајно сум им благодарна!
Во таа смисла, особено сум благодарна на VFV Clinic, болницата каде што ги направив првите чекори во ова мое искуство. Д-р Ариф Пини инсистираше на темелни дијагностички методи, па така и дојде до конечната дијагноза. Инаку, VFV Clinic е приватна клиника со врвен дијагностички центар, со комплетна апаратура за дијагностика од последната генерација на Simens. Во таа толку застрашувачка ситуација, посебно ми беше драгоцен и човечкиот, покрај професионалниот однос на докторот и целиот тим на клиниката.
Ова го сфатив како едно искушение, едно премрежје во мојот живот. Сфатив колку се важни вистинските пријателите, кои ги сакам како семејство, кои беа постојано покрај мене и на кои сум им бескрајно благодарна! Не знаев колкава сила има во мене сè досега. И си велам, па можно ли е да трошам толку време и енергија на неважни настани и неважни луѓе, вели Лила за Убавина и здравје и додава дека додека некои мислеле дека е во Истанбул на шопинг, таа била на операција.
Комплетниот разговор со Лила Филиповска за нејзината борба против ракот можете да го прочитате во новиот број на „Убавина и здравје“.