Борусија и Шахтјор, во вторник навечер, ќе го одиграат реванш осмина финалниот дуел во Лигата на шампиони, по кој ќе биде познат четврт финалистот во елитното натпреварување.
Првиот натпревар, одигран пред три недели во Доњецк, заврши со резултат 2:2, што значи дека Борусија пред своите навивачи ќе ја има предноста, но Шахтјор оваа сезона кога гостуваше (Јувентус, Челзи, Копенхаген) покажуваше одлични перформанси. Во Дортмунд и покрај поволниот резултат се претпазливи, ги ценат квалитетите на противникот, а најдобриот стрелец Роберт Левендовски најави дека екипата нема да игра на нерешен резултат 0:0 или 1:1, туку ќе се обиде од првата минута да нападне и да стигне до победа. Со став дека тежок е патот до четврт финалето е и тренерот на ’милионерите’ Јирген Клоп. „Минатиот натпревар ги покажа причините зошто двата тима играат во осмина финалето. Сеуште ништо не е решено, нашата почетна позиција е иста како и онаа на Шахтјор. Можеби ние имаме мала предност но тоа е се. Знаеме нешто повеќе за противникот, подготвени сме, ќе видиме што ќе се случи“, рекол Клоп. Неговиот колега, искусниот Романец, Мирчеа Луческу, смета дека Шахтјор може да мине во следната рунда, но само доколку играчите не грешат во одбраната како што тоа беше случај на првиот натпревар.„Дортмунд е одлична екипа, Клоп е тренер од светска класа и можеме да очекуваме голем притисок. Нема воопшто да ни биде лесно. Сигурен сум дека екипата која ќе мине понатаму ќе стигне и до финалето во Лигата на шампиони“, изјавил Луческу. Натпреварот во Дортмунд ќе стартува во 20:45 часот, главен судија ќе биде Словенецот Дамир Скомина.
Макфакс
Борусија и Шахтјор, во вторник навечер, ќе го одиграат реванш осмина финалниот дуел во Лигата