Следнава година треба да почне одложеното снимање на автобиографскиот филм за поп-ѕвездата Мадона. Како режисер и косценарист, пејачката со години работи на филмот за којшто се говори уште од 2020 година, но снимањето беше одложено поради турнејата, како и поради корона-пандемијата.Сега британските медиуми пишуваат дека Мадона ја избрала и глумицата која ќе ја портретира. Се работи за Џулија Гарнер, позната по улогата во криминалистичко-драмската серија на Нетфликс – „Озарк“. Меѓу актерките-кандидатки за улогата беа и Сидни Свини, Флоренс Пју и Ема Лерд. Според Мадона, филмот ќе се сосредоточи на музиката, каде што има „многу нераскажани и инспиративни“ приказни што таа најдобро би ги раскажала, додаде таа. Авторката, инаку, работи со студиото „Јуниверзал пикчрс“ (Universal Pictures).Турнејата Мадона ја заврши со настапот во Бразил минатиот месец и сега целосно се посвети на својот биографски филм.„Имаме многу работа за да го избереме остатокот од актерската екипа, да го организираме снимањето и да го финализираме сценариото, но се надеваме дека ќе почнеме со снимање во следните 12 месеци“, изјави неименуван извор за „Сан“ (The Sun).Пред неколку години, кога првпат беше објавена веста за филмот, пејачката изјави: – Сакам да им го пренесам на луѓето неверојатното патување на коешто ме однесе животот како уметник, музичарка, танчерка и човечко суштество кое само се обидува да го пронајде својот пат во овој свет.
Пронајдете не на следниве мрежи: