Емотивното видео од мачка која одбива да го напушти својот спасувач кој ја извлекол од рушевините по земјотресот во Турција ги освои социјалните мрежи и разнежи многумина.
Спасувачите во Турција, освен што спасуваат луѓе од срушените згради, успеваат да спасат и домашни миленици кои останале заглавени. Една таква сцена се случила во Газиантеп, каде турскиот пожарникар Али Чакаш спасил мачка која потоа не сакала да се одвои од него.
Видеото од мачката и херојот кој ја извлекол од урнатините се споделува на социјалните мрежи, a само на Твитер е погледнато повеќе од 5 милиони пати.
Чакаш изјавил дека мачката го добила иметo Енказ и го објаснил значењето на истото.
„Ја нарековме Енказ, што значи „урнатини“ бидејќи ја извлековме од пеколот. Можеби звучи малку непријатно, но сакавме тоа да биде спомен на овој начин. Сè што јадеме и пиеме тука делиме со неа. Мачката не се одвојува од нас. Исто така се обидуваме да најдеме некои траги бидејќи можеби ќе го пронајдеме сопственикот, но таа не заминува“, изјавил пожарникарот.
„Гледам тага во оваа мачка. Ја чувам покрај себе, особено ако се појави сопственикот. Но, доколку не се појави, размислувам да ја земам со мене, тоа ќе биде спомен“, додал пожарникарот, а тоа и навистина се случило.