МВР потсетува дека краен рок за промена на возачките дозволи со старото уставно име е 31 декември

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година.

Министерството ги повикува сите граѓани кои се уште имаат возачка дозвола со старото уставно име, да ја обноват својата возачка дозвола, до истекот на рокот, со цел да не се создаваат непотребни гужви.

Сите капацитети на министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024, без никакво доцнење и гужви.

Министерот Панче Тошковски уште претходно информираше и дека издавањето на лични документи е вратено во нормала.

-Од оваа недела натаму секој граѓанин кој што ќе поднесе барање за да се стекне со нова патна исправа, возачка дозвола, лична карта, ќе може да ги оствари во рамки на законското право во рок од 15 дена, посочи тој на почетокот на септември.

На прашањето дали ќе се зголемат капацитетите од аспект на машини за изработка доколку во иднина настане слична ситуација, тој одговори дека работат на трајно решавање на проблемот.

-За разлика од тие претходно, ние решаваме проблеми и гледаме колку што е можно да ја поедноставиме целата постапка, не само во однос на лични документи, туку во однос на секое право кое што има да го стекне македонскиот граѓанин. Во иднина ќе се фокусираме на развластување од аспект на дискрециони права, сето она што го говориме за дигитализација во рамки на работењето на МВР ќе биде насочено исклучиво во таа насока, рече Тошковски.

Пронајдете не на следниве мрежи: