ЦУК: 2 175 повици на 112 во последното деноноќие, еден пожар на отворено, пријавена мечка во двор на штала, апел за одржување и чистење на локалните канали за одводнување
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 175 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 38,34 %, а 61,66 % биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 71, 86 %, кон Итната медицинска помош 21,67 %, кон пожарникарите 4,18 %,а кон АМСМ 0,38% од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Инаку, 1 346 повици за итни случаи на 112 во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реални“ повици 1,90 % и на 61,66 % именувани како „неитни повици“, биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно коордирнирање за нивно решавање. Тоа се остварува преку дежурните оперативци во Секторот Е-112 во содејство со Секторот за операции и координација (СОК) во ЦУК истовремено со повеќе ангажирани институциите и служби во Системот за управување со кризи (СУК), согласно природата на пријавените „реални“ итни случаи.
Во последното деноноќие имаше евидентирано само еден пожар на отворено. Конретно, Регионалниот ЦУК Скопје, извести дека пожарникарите од БППЗ на Град Скопје од 17:20 до 18:05 часот, со три пожарникари со едно ПП возило гаснеле запалена трска на површина од 2.000 m2 во атарот на с.Кадино, Општина Илинден.
Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека преку единствениот број за пријавување итни случаи 112 во ЦУК, граѓанин од с.Форино во Општина Гостивар, доцна попладне, пријавил дека мечка му дошла на неговиот имот кај неговата штала и има направено штета, а и дека истото се движело околу шталата во моментот на пријавување. За пријавената ситуација биле веднаш известени во Полициската станица Гостивар од каде што екипа излегла на местото на настанот, внимателно истражиле, по што известиле дека животното нема направена штета во шталата, како и на оградата околу куќата, но видно се забележувале траги од мечката. Паралелно со известувањето до ПС Гостивар, Регионалниот ЦУК Тетово ги извести Општина Гостивар и Инспекторат за животна средина за преземање натамошни мерки во нивна надлежност.
ЦУК апелира да се одржуваат и чистат локалните канали за одводнување и да не се фрлаат отпадоци во нив. УХМР најави дека во наредниот неколкудневен период, на повеќе места времето ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, што локално ќе бидат пообилни и поројни проследени со грмежи.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Истовремено, ЦУК информира дека потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.