Милан и Аталанта ремизираа, Интер доминира, Јуве во продолжението до победата


Во последниот неделен натпевар од 26. коло во италијанската Серија А, фудбалерите на Милан и Аталанта ремизираа играјќи 1:1.

Двата гола беа постигнати во првото полувреме, а Милан поведе во третата минута кога Португалецот Рафаел Леао ја затресе мрежата на гостите од Бергамо. Во самиот финиш на првото полувреме, во 42. минута, Купмајнерс реализираше пенал за гостите и го постави конечниот резултат 1:1. Во продолжение Аталанта одбрани и спаси бод на тешко гостување.

Милан и натаму е трет на табелата, а Аталанта е на петтото место.

Фудбалерите на Интер продолжуваат да доминираат оваа сезона, во ова коло го победија Лече на гостински терен со 4:0. Повторно разигран беше Аргентинецот Лаутаро Мартинез кој ги постигна првиот и третиот гол за Интер во 15. и 56. минута. Ова го донесе Мартинез до 22 гола сезонава во домашното првенство. Славјето на Интер го комплетираа Фратеси и Де Ври со головите во продолжението од мечот.

Интер е убедливо прв на табелата и со натпревар помалку има дури девет бода повеќе од вториот Јувентус.

Претходно натпреварот меѓу фудбалерите на Каљари и Наполи заврши без победник, домаќинот постигна гол во 96. минута за конечни 1:1. Неубедливиот оваа сезона, Наполи, актуелниот шампион во Серија А, поведе во 65. минута со голот на својот најдобар стрелец Осимхен. Сепак, Наполи до крајот не ја задржа минималната предност. По инертната реакција на гостинската одбрана во 96. минута, Зито Лувумбо и на одушевување на домашните навивачи погоди за конечните 1:1.

Наполи во последниот месец оствари само една победа, кога на крајот по пресврт ја совлада Верона со 2-1. Двата тима останаа на истите позиции во рангирањето, Наполи е деветти, а Каљари е на претпоследното место.

На првиот неделна натпревар во Торино, Јувентус го совлада Фросиноне со 3:2. Решавачкиот гол го постигна Ругани во 95. минута, а претходно двоен стрелец за Јувентус беше Влаховиќ. Стрелци на головите на гостите беа Чедира и Брешанини.

Последните два натпревари од ова коло се закажани за понеделник, а се среќаваат Рома – Торино и Фиорентина – Лацио.

Пронајдете не на следниве мрежи: