Белорускиот министер за транспорт и врски Алексеј Авраменко е пронајден мртов во својата куќа на село.
Авраменко (46) се самоубил во гаража, тврдат два извори на белорускиот портал ,,Наша Нива”.
Неговото тело го пронашол роднина на 4 јули. Точната причина за смртта не е официјално објавена, а Дејли Мејл наведува дека „белоруската пропагандна машина“ криела докази дека Авраменко си го одзел животот.
– Која точно беше последната капка и причината за таквиот очајнички чекор останува да видиме – наведува британскиот портал.
Погребот се одржа вчера, а на него присуствуваа високи претставници на Белорусија, освен претседателот Александар Лукашенко кој испрати венец.
Доколку извештаите се точни, Авраменко е вториот министер на Лукашенко кој си го одзел животот во последните осум месеци. Претходно, високо почитуваниот прозападно белоруски министер за надворешни работи Владимир Макеи, наводно, си го одзел животот во ноември 2022 година кога имал 64 години.
Инаку, Авраменко беше министер од 2019 година и беше близок со Лукашенко.
Дејли Мејл потсетува дека во 2021 година, Авраменко им наредил на воздухопловните сили да слетаат авион на Рајанер со дисидентите Роман Протасевич и неговата тогашна девојка Софија Сапега, по што биле приведени.
На летот на Рајанер од Атина до Вилнус му беше наредено да слета во Минск додека летал над Белорусија на 23 мај 2021 година.
Белоруските власти тогаш соопштија дека постоела закана за бомба, но подоцна соопштија дека во авионот не бил пронајден експлозив. Инцидентот предизвика незадоволство во западните земји, при што властите го осудија како еднакво на киднапирање.
Пронајдете не на следниве мрежи: