Мицкоски: Добрососедските односи мора да бидат двонасочна улица

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТВ1, одговарајќи на прашањето зошто не дојде до средба со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис на самитот на НАТО во Вашингтон, рече дека добрососедските односи мора да бидат двонасочна улица.

„Жалам што од еден ваков самит, од кој требаше да се испрата пораки на обединување, имаме политичари кои се уште мислат на поделби. Мојата порака ќе биде, каква што е впрочем во целиот овој период, приципиелна, без двојни стандарди, а тоа е дека ние сакаме да градиме добрососедски односи, апсолутно, но тоа мора да се темели на двонасочна улица“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека во македонската Влада повеќе нема политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата и од петни жили да се трудат да им удоволат на соседите.

„Повеќе за нивна жал, а за добро на македонските граѓани, во македонската влада нема да гледаат политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата, да го ограбуваат својот народ и од друга страна да се трудат од петни жили да им удоволат, без било каква аргументација, на соговорниците, во случајов нашите соседи. Ние сме подготвени со секого да градиме добрососедски односи. Тука немаме фрустрации, ниту има било каква пречка и бариера, но, повторно, тоа мора да биде двонасочна улица“, рече тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: