Премиерот Христијан Мицкоски за медиумите пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел изјави дека останува на ставот дека уставни измени под актуелните услови нема да има, а смета дека прво треба да се отвори прашањето за акцискиот план за малцинствата.
Одговарајќи на новинарско прашање каде ќе се најде Владата доколку Европската Унија продолжи да инсистира на уставни измени, особено по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Мицкоски посочи дека постои друга пречка која претходно треба да се надмине.
„Ние прво треба да разговараме за акцискиот план. Ние утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, но еве хипотетички, повторно, пред нас имаме пречка, тоа е акцискиот план за малцинство“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата веќе доставила предлог и дека е суштински важно најпрво да се постигне договор за акцискиот план.
„Затоа ние дадовме предлог и мислам дека е суштински важно најпрво да зборуваме за акцискиот план за малцинства, ајде тоа да го договориме, бидејќи 26 земји членки немаат против, само една има против. Ајде да го договориме и да видиме дали имаме простор за што било друго да разговараме“, порача премиерот.





