Ми недостига мојата мајка…

Мојата мајка сакаше украси. Украси од стакло, порцелан, керамика, големи украси, мали украси, ситни украси, шарени украси. Во нејзиниот дом секогаш имаше место за секакви фигури. Ги чуваше со љубов и внимание и секој украс имаше свое место во нејзиниот дом и секој украс си имаше посебна прказна. Секој од нас полека си заминуваше од семејниот дом, а таа ги чуваше сите наши кукли и играчки. Сакаше и цвеќиња и ги негуваше.
Мојата мајка постојано брзаше некаде. Иако беше во пензија, сѐ повеќе изгледаше како жена во нејзините најдобри години, која се труди семејството да биде најадено, куќата чиста, како во секој момент да ќе упадне контрола. Сакаше рачни изработки, плетеше сѐ и сешто. Ние бевме малку размазени па баравме да ни шие различни модели, се муртевме ако не ни беше нешто по мерак, а таа со многу љубов ги поправаше работите.


Мојата мајка сакаше кога ќе дојдеа гости, патници, роднини, деца. На сите подеднакво им се радуваше, секогаш имаше некој колач при рака, домашен сок од вишни, кафе и мармалад, кој го правеше заедно со татко ми.
Сакаше украсни ѓердани, обетки, скромна гардероба и чевли. Косата секогаш ја фарбаше, сама си правеше фризури.
Мојата мајка не сакаше многу да не љуби и прегрнува, повеќе сакаше со внимание да ја покаже својата љубов. Знаеше да се налути, да се смири, да критикува и да фали.
Еден ден во ноември, додека се менуваа ноќта и денот, таа си замина.


Таа неколку месеци однапред знаеше дека тој ден се ближи. Ми рече дека ги поздравам сите и да им се заблагодарам и да им се извинам. Напиша писма кои ги напиша токму на тој кобен ден, топли зборови кои го топат срцето. Остана куќата полна со украси кои со години ги собираше, евтини работи на кои таа им додаде вредност и душа. Останаа плетени чорапи, шалови за многу следни зими, билки, цвеќиња, залихи на мармалад, ѓердани и обетки. Останаа нашите кукли и гумени играчки да нѐ потсетуваат на деновите кога наоѓавме засолниште во нашиот дом.
Ми недостига кога ми се плаче, за да ја споделиме тагата. Ми недостасува кога сакам да ѝ се јавам за да ѝ соопштам некоја убава вест, па заедно да ја размножиме радоста. Ми недостасува да ме изненади со ручек, со средена куќа и палачинки. И ми недостасува нејзиното критикување. Да ме налути, а и јас неа, па да се муртиме некое време.
Мојата мајка беше обична жена. Сакаше на свој едноставен начин. Храбро си замина, знаејќи каде оди. Се надевам дека сега е на поубаво место, дека е опкружена со цвеќето кое толку многу го сакаше. Нам ни го остави она коешто со години го чуваше, за да може, покрај љубовта, која нема облик, да биде доказ дека била тука и дека вечно ќе постои таа врска со минатите времиња.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.