Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книгата во Лајпциг






Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книгата во Лајпциг, Германија, што се одржува од 21 до 24 март. Таа ќе учествува на настанот „Поезија за неприпаѓањето. Лирски импресии од Северна Македонија“, што ќе се одржи в сабота (23 март) со почеток во 15 часот.

Авторката ќе ја претстави поетот Никола Маџиров. Маџиров ќе го претстави својот текст „Крв и поезија на неприпаѓањето“, што неодамна беше објавен во списанието за литература и култура „Зин унд форм“ (Sinn und Form).

Присутните на настанот ќе може да ги слушнат нивните стихови на македонски и на германски јазик.

Саемот на книгата во Лајпциг е вториот по големина во Германија по Саемот на книгата во Франкфурт, кој е најголема манифестација од ваков вид во светот.

Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Авторка е на стихозбирките „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации) и „Номадски затвори“ (2023, ПНВ Публикации). Учествувала на поетската ноќ во Велестово, на „Отскочна штица“ во рамките на Скопскиот поетски фестивал и на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“, како и на интернационалниот поетски фестивал „Лезеленц“ (LeseLenz) во Хаусах, Германија. Нејзините песни се често објавувани во периодиката и преведени на германски, грчки и на англиски јазик. Член е на европската поетска платформа „Версополис“.

– Реклама –








Пронајдете не на следниве мрежи: