Фудбалерот на прволигашот Мајорка, Ведат Муричи, порача дека ќе се заложи Шпанија да ја признае независноста на неговото родно Косово.
„Со силата и храброста која ја имам, се надевам дека ќе успеам да ѝ помогнам на мојата земја еден ден да биде признаена од Шпанија“, објави 28-годишниот Муричи на својот Твитер профил, по повод специјалното признание кое му го додели Олимпискиот комитет на Косово за постигнатите резултати во 2022 година.
Муричи, кој од Фудбалската федерација на Косово беше прогласен за најдобар фудбалер во минатата година, сезонава на 23 натпревари во дресот на Мајорка постигна 11 погодоци и се наоѓа на четвртото место на листата стрелци во шпанското првенство.
Во дресот на косовската репрезентација Муричи дебитираше во 2016 година и досега на 44 натпревари има постигнато 23 голови.
Шпанија е меѓу петте земји – членки на Европската унија, заедно со Кипар, Грција, Романија и Словачка, кои не ја признаваат независноста на Косово.
Пронајдете не на следниве мрежи: