Над 34 илјади пензионери преку Еуростандард банка добивале пензии на домашна адреса

Над 34 илјади пензионери и речиси 20 илјади корисници на социјална помош кои парите ги добивале преку Еуростандард банка, примањата за овој месец ги добиле на домашна адреса со посредство на „Пошта“. Станува збор за последната исплата за минатиот месец што била направена во август пред Народната банка да ѝ ја одземе дозволата за работа на Еуростандард банка и пред да биде отворена стечајната постапка.
„На вкупно на 34.775 пензионери и на 19.938 корисници на социјална помош средствата им беа доставени на домашна адреса“, ни рекоа во „Пошта на Северна Македонија“, појаснувајќи дека станува збор за последната направена исплата.
Овие податоци го наметнуваат прашањето како овие граѓани ќе ги добиваат парите во иднина, откако ќе се префрлат во некоја друга банка.
Од другите банки, достава на домашна адреса прави НЛБ банка за корисниците кои пензиите ги примаат преку оваа банка. Банката вчера соопшти дека на сите клиенти физички лица, кои имале активна трансакциска сметка во Еуростандард банка и примале плата и пензија им нуди можност пренос на истата во НЛБ банка.


„За пензионерите се нуди единствена можност за достава на пензијата на домашна адреса“, се вели во известувањето на интернет страницата на НЛБ банка.
Дали и некоја од другите банки ќе се реши на ваков чекор, засега не е познато, исто како и дали набрзо некоја од нив ќе го преземе бизнисот со платниот промет преку шалтерите на Пошта, што од страна на акционерите на Еуростанард банка, но и од одговорните во поштата беше посочено дека е „златна кокошка“.
Во меѓувреме, продолжуваат турканиците пред банките каде што голем број засегнати граѓани отвораат трансакциски сметки настојувајќи тоа да го направат што побрзо, имајќи во предвид дека Владата веќе најави дека исплатата на пензиите ќе почне на 26 август.
Со оглед дека станува збор за повозрасни граѓани, а некои не се во состојба лично да одат во банка, се бара решение како тоа да се направи што побезболно.
Пензискиот фонд веќе ги известил банките кога пензионер кој пензијата ја примал преку Еуростаднард банка ќе отвори нова трансакциска сметка, новата банка по службен пат да го извести ПИОМ, така што пензионерите нема потреба да одат самите тоа да го прават во ПИОМ.
„Тие треба да отворат сметка, а банката по службен пат го известува ПИОМ“, велат од Фондот за осигурување депозити.
Владата вчера ја задолжи Македонската банкарска асоцијација во соработка со деловните банки да изготви за лицата кои не се во можност физички да пристапат до банката, урнек на полномошно за отворање на трансакциска сметка и/или за поврзување на истата со социјалниот број и за користење на средства од парични права од социјална и детска заштита.
Како што се дознава, тое веќе е сторено и е предлогот е доставен до Народната банка и до Министерството за финансии кои треба да потврдат дали решението е усогласено со законската и со подзаконската регулатива, односно дали ќе биде можно некој да отвори трансакциска сметка за друго лице без негово физичко присуство во банка, или без полномошно заверено за нотар. Работите дополнително се комплицираат бидејќи нотарите таквите полномошна ги прават во нивните канцеларии.
Очигледно, пред граѓаните, но и за банките има многу предизвици, како во услови на пандемија да се поедностават процедурите и да им се олесни на пензионерите и на примателите на социјална помош парите да ги добиваат навреме со оглед дека станува збор за ранливи категории граѓани, чија егзистенција зависи од навременото и редовното примање на овие средства.
Прашање е и колку од граѓаните кои до сега парите ги примаа преку Еуростандард банка со посредство на „Пошта“ на домашна адреса ќе се решат да се префрлат на користење на платежни картички.
Од Владата вчера соопштија дека пензиите ќе почнат да се исплаќаат од 26 август, при што тој ден парите ќе може непречено да се подигнуваат на банкоматите или да се плаќа во трговската мрежа. Готовинската исплата ќе се врши во четири групи на 26, 27 и 28 август и на 1 септември, во зависност од износот на пензијата – најпрвин оние со пензии до 11.000 денари, потоа од 11.001 денари до 14.000 денари; од 14.001 денари до 18.000 денари и на крај оние со пензии во висина над 18.000 денари.
Владата вчера донесе заклучок со кој го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и им препорача на деловните банки, да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард банка во другите деловни банки, со цел истите да може да располагаат со августовските пензии на 7 септември, 14 септември и 25 септември, за оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард банка и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциони сметки во другите банки.
Исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства за август 2020 година да се врши во три групи (на ввтори, трети и четрврти септември), a дополнителнa исплата ќе се врши на 11, 18 и 25 септември. (М.Ј.)

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.