Напумпани усни, изгорена надградба, кило шминка и нула памет – Зошто луѓето те презираат?

Социјалните мрежи, особено Инстаграм најчесто е мелем за очите, извор на инспирација и мотивација. Ќе видите прекрасни пејзажи од земји каде што сонувате да отпатувате. Ќе заследите некој што ќе ве натера да станете физички поактивни, друг што ќе ве инспирира да почнете да учите нов јазик или пак да започнете да изработувате нешто со своите две раце.
Ќе видите десетици фотки и видеа од смешни животни и уште поинтересни бебиња кои можеби ќе ви го поправат и најлошиот ден.
Ама ќе видите и уште толку помножени по толку фотки кои ја прикажуваат денешната изобличена женска убавина, која се смета дека е синоним за привлечност.
Што со помошта на Фотошопот и филтрите за убавина, а што со сопственото претерување, денешниот синоним за убавина е следниот строго утврден шаблонизиран изглед: напумпаните „патка“ усни, испегланото „ботоксирано“ затегнато лице, пренагласената т.н. „Инстаграм“ шминка со веѓи – извиени пијавици, контурирање кое изгледа како да сте размачкале кал на лицето.
Сомнителни додатоци на косата, лошо прикачено, лошо нијансирани, изгорени и безживотни, додека твојата природна коса се задушува под туѓите прамени.


Премногу од сè на лицето, премалку облека на телото, а најмалку памет во главата.
Живееме во свет каде што може да бидеме сè она што ќе посакаме, но упорно се прашувам каков треба да ти биде менталниот склоп да сакаш да изгледаш така евтино и кичесто?
И во ред е, твојата идеја за убавина очигледно е таа и треба да го почитуваме твојот избор, но не чуди се зошто луѓето те избегнуваат, зошто никој не те сфаќа сериозно и уште пострашно – зошто ти се смеат, понекогаш скришум, а друг пат и директно во лице?
За почеток, треба навистина да веруваш во изгледот кој го носиш, да си сигурна во него и самоуверена. Не очајно да сакаш да се вклопиш во шаблонот кој го диктираат квази-старлетите во обид да изгледаш привлечно или секси.
Настрана физичкиот изглед, кога конечно ќе стане јасно дека тој првично привлекува, но долгорочно не задржува никого?
Сакаш да те сфатат сериозно? Земи прочитај некоја книга. Научи си го сопствениот јазик и основните граматички правила. Заинтересирај се за некоја друга тема освен накинџурените шпицести нокти со циркони.
Освоj ги луѓето со воспитувањето и знаењето, со умешноста да сослушаш некого и пристојно да дискутираш. Привлечи им го вниманието со интелигенцијата и харизмата и добрината, наместо со деколтето. Не дека има нешто лошо во деколтето, апсолутно нема. Ама поткрепи го со ум.
Зошто мажите не ме сфаќаат сериозно, зошто жените не ме сакаат во нивното друштво? Мора да се љубоморни, нема друго. Кој ви ја всадил таа идеја, најсериозно ве прашувам? За што поточно ви љубоморат, за изгледот–карикатура, за празната глава или пак можеби за вашето непознавање на најелементарни работи во животот?


На тие работи не љубомори никој, верувајте ми на зборот. И не, не грмите, не горите, нема да го расипете интернетот, никој не е во паника поради вашата извештаченост и непрепознатливост во ликот, струкот двојно намален со помош на апликација и нозете смешно издолжени и неприродни.
И што по ѓаволите се случи со природната убавина? Каде исчезна, кој ја казни во лошото ќоше?
Интелигенцијата е секси, не деколтето. Можеш да бидеш закопчана до грло и пак да бидеш најпривлечната личност во просторијата. Излези од сите можни стереотипи на модерната убавина и посакај си подобар идол од Ким Кардашијан.
Чуда ќе се случат, природни, убави, нефилтрирани чуда.

Loading...