Наскоро ќе стартува судењето за убиството на Вања и Панче

Наскоро ќе почне судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, бидејќи Кривичниот суд позитивно го оцени обвинението кое скопското обвинителство го поднесе пред еден месец.

На обвинителна клупа ќе седнат Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

– Советот за оценка на обвинителен акт со КООА 83/24 против обвинетите : В.М., Б.В. и В.К. обвинети за по две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл. 22 од КЗ и чл. 123 ст. 2 т.1 и т.4 в.в со чл. 22 од КЗ како и две кривични дела – Грабнување од чл. 141 ст.2 в.в. со ст.1 и в.в. со чл. 22 и чл. 141 ст. 1 в.в. чл. 22 од КЗ, и обвинетиот А.Ѓ. обвинет за едно кривично дело Грабнување чл. 141 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 од КЗ, а поврзано со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. во ноември минатата година.

По разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост.

Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што , ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена.

Во однос на повеќе новинарски прашања за постапката против прво осомничениот за двојното убиство – Љ.П., ја информираме јавноста дека постапката е се уште во фаза на обвинителска истрага. – соопштија од Основниот кривичен суд во Скопје.

Засега надвор од групата останува Љупчо Палевски -Палчо, бидејќи истрагата против него се уште трае. Се чека вештачењето на телефонот и другите доказни материјали кои беа најдени кај него, кога беше уапсен во Турција.

Според обвинителството, мотивот за убиството се пари.

Пронајдете не на следниве мрежи: