Последниот ден на Литера помина во знакот на две работилници за деца и тоа со двете реномирани илустраторки, Наташа Андонова и Наталија Лукомска, како и со работилница со Ена Абјаниќ Чаусидис која за најмалите подготви соодветни активности. Со перформансот на учениците од средното интернационално училиште Мариф, „Јас сум човек“ завршија настаните кои беа предвидени за годинешното издание на Литера и на крајот од фестивалот традиционално беа доделени наградите за најдобри книжевни и визуелни остварувања од областа на литературата за деца.
Награда за најдобра илустрација
„Си беше еднаш… Најубавите бајки на сите времиња“ илустрација Наталија Лукомска, адаптација на текст Оливера Ќорвезироска, издание на „Арс ламина“
Во ова дело Наталија Лукомска ни ги отвора портите на најубавите бајки во светот преку еден поинаков, нејзин свет. Добро познатите ликови од приказните ни ги претсатвува преку чисти форми и јасен ликовен израз. Преку нив таа ги изразува емоциите на ликовите и карактерите на поедноставен начин нè воведува во комплексен свет. Користи фигурација со убава стилизација и геометризација. Текстурите се убави, потсетуваат на старите приказни на источноевропските уметници, но со еден исклучително свеж и модерен приказ. Илустрацијата се движи со убава динамика низ приказните, особено преку впечатливиот контраст, иако е ограничена палетата на секоја илустрација. Стилот е задржан низ целата книга во една исклучителна хармонија.
Награда за најдобар текст
текст Живко Грозданоски, илустрации Воскресија Андреевска, издание на „Чудна шума“
„Белите глувчиња / Страшната наезда на зелените вошки / Црните овци“ се три поединечни, но поврзани приказни. На многу автентичен, интересен начин ù се приближува на детската публика, нудејќи неверојатен хумор што може да го разберат и најмалите.
Ова издание е подеднакво интересно и забавно и за возрасната публика. Грозданоски се навраќа на старите добри поговорки и им дава своја интерпретација. Тој ги прави разбирливи и адаптирани за децата, а ќе ве засмеат и вам читајќи им ги на децата. Го издвоивме текстот на оваа сликовница затоа што е посебен, различен, оригинален и се навраќа на слатката детска рима.
Награда за сликовница во целина
„Ѕуница“, текст Бранислав Николов, илустрации Иванка Ниба, едиција „Светулка 2“, издание на „Арт & Арт студио Батев“
Ова е приказната за снежната земја во која сè е црно и бело, каде четирите другари, Бојана, Птицата, Зајчето и Мендо трагаат по Сонцето за да им ја врати пролетта и боите. Бранислав Николовски низ поетската сказна, во одличен ритам и рима, со внимателно избрани зборови ја втурнал дружината во смела авантура – да ја вратат бојата во својот свет. Иванка Ниба во чекор го следи, на почеток со црно-белиот цртеж каде ни ги открива полека карактерите во сликовницата. Таа умешно ги користи контрастите на позадината со илустративните елементи. На почеток користи чисти и едноставни геометризирани форми, кои полека прераснуваат во површини исполнети со форми, наместа неуредни елементи кои добро функционираат во комбинација со геометризацијата, за повторно да добие смирен ритам во кој полека се внесува боја. Круна на двата елемента, текстот и илустрацијата кои одлично се надополнуваат, е пораката за другарство во книгата која на децата им пренесува моќна порака на преубав начин.
Признание за СОС Детско село за вложување во креативни изданија што промовираат инклузивност.
Признание за Халкбанк А.Д Скопје, како општествено-одговорна компанија за поттикнување на развојот на визуелната култура кај децата преку ликот на Халки.
Софија Семенпеева Трајановска, директорка на фестивалот, иа крајот истакна дека со секоја следна Литера целиот тим што работи на него е збогатен со нови искуства и знаења кои ги применува во следните изданија. Се заблагодари на сите кои беа дел од Литера, особено на детската публика заради која Литера е формирана. Таа потенцира дека во 2025 Наталија Лукомска како добитничка за најдобра илустрација ќе има изложба на нејзини илустрации во рамки на седмото издание на Литера.