НАТО е подготвен да го потпише пристапниот протокол со Македонија, вели Столтенберг

Штом биде имплементиран Преспанскиот договор НАТО е подготвен да го потпише пристапниот протокол со Македонија потсети генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Алијансата на министерско ниво ќе се состане во вторник и среда за да дискутира за големите безбедносни предизвици. Западниот Балкан е на агенда во среда, а македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, ќе има билатерални средби со негови колеги на маргините на овој состанок во Брисел.
Непосредно пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО членките, Столтенберг повтори дека сега е на македонските власти да го завршат својот дел од работата, јави дописничката на МИА од Брисел.
-На Собранието и властите во Скопје е да донесат одлуки, не можам да гарантирам во име на Скопје. Она што го видовме е дека првото гласање каде беше потребно двотретинско мнозинство помина, дали ќе има двотретинско повторно на последното гласање не е на мене да шпекулирам, она што можам да го кажам е дека штом договорот за името е имплементиран ние сме подготвени да го потпишеме пристапниот протокол, изјави Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање.
Штом се потпише пристапниот протокол македонската Влада ќе почне да присуствува на министерските состаноци на Алијансата, додаде тој.
-Навистина се надевам дека Скопје и народот во земјата ќе ја искористат оваа историска прилика што се случува еднаш во животот, дополни Столтенберг.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.