Во близина на Малага, во магичната шпанска провинција Андалузија, се наоѓа шеталиште кое го нарекуваат најопасната пешачка патека на светот.
Каминито дел Реј (Caminito del Ray), во превод Кралски пат, се наоѓа во клисурата Десфиладеро де лос Гаитанес. И покрај тоа што дефинитивно не е погоден за оние кои се плашат од висина, поради прекрасната природа која го окружува станал речиси задолжителна андалузиска атракција која ја посетуваат авантуристи, излетници, оние желни за возбуда.
Патеката поврзувала две брани
Пешачката патека се наоѓа на речиси 100 метри над земја, а широка е само еден метар. Окружена е со импресивни карпи и пружа прекрасен поглед на околниот пејзаж. Првобитно, патеката била мал сервисен пат кој ги поврзувал малата брана Ел Гаитанехо со хидроелектраната Ел Чоро, но набрзо станала дел од секојдневниот живот на локалното население.
Многу луѓе го загубиле животот
Неколку луѓе загинале во текот на изградбата на оваа тесна и крива патека окружена со остри карпи. Но, Каминито стекнал репутација на најопасна пешачка патека години подоцна.
Неколку луѓе загинале во обид да го минат патот. Познато е дека само во 1999-та и 2000-та на овој колосек животот го загубиле пет лица. За среќа, во 2015-та година Каминито дел Реј повторно е отворен по големи поправки и реновирања. Сега сите можат безбедно да уживаат во ова спектакуларно и историско шеталиште, секако – доколку не се плашат од висина.
Патеката Каминито дел Реј во 1921-ва година ја отворил кралот Алфонсо Тринаесетти, по изградбата на браната Ел Чоро. По него го носи името „кралски пат“.
Вкупната должина на патеката е 7,7 километри, од кои 4,8 километри се пешачка патека и 2,9 километри се пешачки мост.
Забрането за деца
Каминито дел Реј минува преку кањонот Десфиладеро де лос Гаитанес. Се наоѓа меѓу градовите Алора, Антекера и Ардалес, на 50-тина километри од Малага. На патеката најдобро е да се оди при организиран излет од некој од околните градови. Сите посетители мора да носат заштитен шлем, а влез за деца помлади од 8 години не е дозволен. Влезницата чини 10 евра, а посета со водич 18 евра.