На аеродромот во Истанбул обучени кучиња им помагаат на патници кои се плашат од летање со авион


Пред еден месец аеродромот во Истанбул започна со прокет за психолошка терапија со специјално обучени кучиња кои им помагаат на патниците кои имаат стрес од летање со авион.

Ова е прв ваков проект во Турција, кој има за цел да обезбеди смиреност и релаксација за патниците кои се плашат од летање, пренесува турскиот портал Hurriet.

Абдулкадир Демирташ, менаџер за искуство со клиенти на еден од најголемите аеродроми во Европа, рече дека „позитивните ефекти од интеракцијата меѓу луѓето и животните во смисла на намалување на крвниот притисок, нивото на стрес и анксиозност кај луѓето се докажани во бројни научни студии“.

„Со специјално обучени терапевтски кучиња, сакаме од нашиот аеродром да обезбедиме пријатно патување без стрес “, додаде Демирташ.

Во рамките на пилот проектот кој е претставен пред само неколку дена, биле ангажирани пет специјално обучени кучиња водичи. Тие се движат низ аеродромот и ја нудат својата позитивна енергија и помош на сите патници кои имаат страв од летање. За време на сообраќајниот метеж, кога има најмногу поаѓања од меѓународниот терминал, кучињата се наоѓаат токму во чекалните каде што се патниците.

Аеродромот во Истанбул е вообичаено отворен за домашни миленици и има четири соби за животни: едната е во делот за пријавување во делот за патници кои патуваат од овој аеродром, две се наоѓаат во областа по пасошката контрола, додека едното се наоѓа во делот на аеродромот одвоен за пристигнувања, според веб-страницата на аеродромот.
Во сите соби има храна за животни, чинии со вода, но и сѐ што им е потребно на домашните миленици за да се чувствуваат што е можно поопуштено, наведуваат и од аеродромот Сабиха Гокче.

Ова не е единствен проект во светот: Бурбанк, Минеаполис, Сан Франциско, Ванкувер и многу други аеродроми во САД и Канада имаат слични програми.

По позитивните повратни информации од патниците, операторот на аеродромот во Истанбул сака да го прошири проектот, зголемувајќи го бројот на расположливи кучиња за утеха на патниците од пет на 10, рече Демирташ, цитиран од Ројтерс.

Мурат Џенгиз Коџа, експерт за однесување на кучиња и тренер кој ги придружува кучињата на аеродромот, рече дека животните се обучени да не реагираат на звуци или луѓе.

„Кучињата што ги избравме овде поминаа едногодишна обука. Денеска се тука затоа што беа успешни“, нагласи тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: