Просто е неверојатна изјавата на Макрадули дека нема загадување во Скопје. Треба да сме сите во колективна состојба на транс за да поверуваме во ова. Но сега од позиција на власт работите ги гледаат поинаку, онака функционерски па по нешто смог и не им пречи толку…
Мерната станица која во Гази Баба го мери квалитетот на воздухот се расипала и покажала лажни зголемени вредности, тврди заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.
– Министерството денеска го задолжи инспекторатот да направи увид на терен. Не ги демантирам информациите дека има чад, но нема високо ниво на загаденост бидејќи соседните мерни станици во Лисиче и кај Ректорат не покажале зголемени вредности што е доказ дека нема загаденост, вели Макрадули.
Заменик министерот вели дека инспекторите ќе детектираат од каде доаѓал чадот и за денеска најави извештај за ситуацијата.
Граѓаните кои што живеат околу железарските фабрики се сомневаат дека филтрите кои што компаниите треба да ги пуштаат намерно се исклучуваат навечер бидејќи трошат многу струја или пак работи само еден филтер наместо двата.