На мајката на Навални ѝ е кажано дека неговото тело ќе биде задржано две недели заради хемиски анализи

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека инспекторите ѝ рекле на мајката на Алексеј Навални, Људмила дека нема да го предадат телото на семејството уште две недели додека не бидат завршени хемиските анализи

Телото на Алексеј Навални, опозициски лидер и жесток критичар на Владимир Путин, ќе биде задржано две недели заради хемиски анализи. Ова ѝ било кажано на неговата мајка, изјавил претставник на семејството Навални, пренесува „Би-би-си“.

Луѓе палеа свеќи и оддаваа почит по веста за смртта на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални / Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Од руските власти засега нема инфромации каде во моментот се наоѓа телото на рускиот опозициски лидер, а сите обиди за негово лоцирање наидуваат на ќорсокак.

Сопругата на Навални, Јулија ги обвини руските власти дека го кријат неговото тело.

Таа во видео-обраќање вчера, во кое порача дека ќе ја продолжи борбата на својот сопруг за „слободна Русија, директно го обвини рускиот претседател Владимир Путин за убиство на Навални.

Јулија Навални, исто така, тврди дека неговото се чува додека да исчезнат трагите од труење со нервниот агенс Новичок.

Инаку, како што потсетува британскиот национален сервис, Алексеј Навални во 2020 година преживеа обид за труење со Новичок.

Смртта на Навални во затворска колонија во Сибир беше објавена петокот, минатата недела.  Според руските затворски власти тој починал откако колабирал за време на прошетка во затворот.  

Неговата мајка и адвокат веднаш по објавувањето на веста отпатрувале во оддалечената затворска колонија, обидувајќи се дојдат до телото, што не им било дозволено од локалните власти.

Вчера, Кремљ соопшти дека истрагата за смртта на Навални е во тек и дека засега нема резултати.

Подоцна, портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека инспекторите ѝ рекле на мајката на Алексеј Навални, Људмила дека нема да го предадат телото на семејството уште две недели додека не бидат завршени хемиските анализи.

“Тие го кријат неговото тело – не го покажуваат или даваат на мајка му – и лажат. Чекајќи да исчезнат трагите од најновиот Новичок на Путин”,

вели вдовицата на Навални, Јулија.

Навални, кој беше најистакнатиот лидер на руската опозиција во последната деценија, отслужуваше 19-годишна затворска казна по обвиненија кои многумина ги сметаа за политички мотивирани.

Вдовицата на Алексеј Навални, Јулија и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел / Фото: Архива

Западните лидери како директно одговорен за смртта на Навални го посочија претседателот на Русија на Владимир Путин.  

„Факт е, Путин е одговорен, без разлика дали тој го наредил тоа или тој е одговорен за околностите во кои го ставил тој човек“,

изјави вчера американскиот претседател Џо Бајден, одговарајќи на новинарски прашања.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел вчера изјави дека Навални бил „полека убиен во руски затвор од режимот на Путин“.

И ЕУ и САД рекоа дека размислуваат за нови санкции кон Русија по смртта на Навални.

Шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, исто така, рече дека очекува Велика Британија и остатокот од групата најбогати земји –  Г7 да воведат нови санкции за било кој руски државјанин вмешан во смртта на Навални.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека коментарите на западните политичари во врска со смртта на Навални се „арогантни“ и „неприфатливи“.

Руските затворски власти изминатиот викенд соопштија дека Навални претрпел „синдром на ненадејна смрт“.

Пронајдете не на следниве мрежи: