Меѓународниот олимписки комитет (МОК) неодамна соопшти дека би било дискриминаторски да се исклучат руските и белоруските спортисти од Игрите во Париз. МОК сака руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат како неутрални и без државни симболи, а квалификациските турнири во некои натпреварувања веќе започнаа.
„Додека Русија убива и тероризира, претставниците на терористичката држава немаат свое место во спортските и олимписките натпревари. И тоа не може да се прикрие со некоја наводна неутралност или бело знаме, бидејќи Русија сега е земја која валка сè со крв, дури и белото знаме“, рече Зеленски.
„Тоа мора да се препознае. И мора да се препознае на ниво на Меѓународниот олимписки комитет. На Меѓународниот олимписки комитет му треба искреност. Искреноста, за жал, загуби. Искреноста што ќе помогне да се запре рускиот терор и да се доближи мирот“, додаде Зеленски.
Со онлајн самитот претседаваше британската министерка за култура, медиуми и спорт Луси Фрејзер.
-„Постои опасност сите да сакаат да продолжат понатаму и да се вратат на старо. Сепак, ситуацијата во Украина не е променета од првичната одлука на МОК во февруари минатата година да им забрани на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат“, рече таа.
Американскиот помошник државен секретар, Ли Сатерфилд, рече дека неговата влада продолжува да ги поддржува мултинационалните декларации потпишани минатата година. Тие ги повикуваат спортските организации кои им дозволуваат на Русите да се натпреваруваат да се осигураат дека ќе се натпреваруваат како неутрални спортисти и да го забранат руското знаме.
Тој додаде дека Стејт департментот ќе се консултира со Олимписките и Параолимписките комитети на САД за следните чекори и ќе побара појаснување од МОК за нивната позиција.
Украинскиот министер за спорт Вадим Гутсајт, кој е и претседател на Олимпискиот комитет на Украина, рече дека неговата земја би можела да ги бојкотира игрите во Париз, заедно со неколку други европски земји, кои исто така повикаа да се потврди забраната.
Летонија, Литванија, Естонија и Полска се против учеството на Русија и Белорусија, а им се придружија и Олимписките комитети на Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, изјави дека се противи на учеството на руските спортисти на Игрите во 2024 година сѐ додека трае војната во Украина.