На самитот во Тирана се очекува декларација за намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан

Телекомуникациските оператори од земјите од Европската унија и Западен Балкан на утрешниот самит на ЕУ – Западен Балкан во Тирана треба да потпишат Декларација со која ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот во 2023 година.

Како што најави Советот за регионална соработка (СРС), ова ќе придонесе за намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, ќе го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и ќе даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Откако стапи во сила регионалниот договор за намалување на цените на роаминг, со кој беше укинат роамингот во Западен Балкан од јули 2021 година, СРС тесно соработува со Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан, како и со властите од регионот да ги намалат цените на роаминг меѓу ЕУ и регионот, се наведува во соопштението.

СРС потсетува и дека лидерите од Западен Балкан потпишаа три важни договори на почетокот на ноември како дел од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар на Берлинскиот процес – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на стручни квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти.


Пронајдете не на следниве мрежи: