На поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, актуелниот пратеник и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, ќе им се суди за организација на настаните од 27 април 2017 година во законодавниот дом.
Обвинителниот акт против нив е целосно одобрен, соопштија од Основниот кривичен суд. Тие се обвинети за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Со истрагата за организаторите беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што тие се во бегство, како што соопштија од Обвинителство при поднесувањето на обвинението, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.
Обвинението за случајот беше поднесено уште на 31 мај 2019 година, но досега оценката постојано се одложуваше бидејќи се изземени осум од девет судии во Одделението за организиран криминал затоа што по разни основи биле поврзани, односно учествувале во останатите предмети кои се водеа пред судот за настаните од „крвавиот четврток“.
Откако е прифатено обвинението, сега, според електронскиот систем АКМИС, предметот ќе се распореди кај надлежен судија по што тој ќе треба да закаже и почеток на судењето.
Според истрага на обвинителството, осомничените го подготвиле и реализирале планот за 27 април 2017 со цел да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година…