Космонаутот и воен пилот Баз Олдрин, вториот човек кој стапна на Месечината во мисијата Аполо 11 во 1969 година, се венча со својата долгогодишна девојка на својот 93. роденден.
Олдрин објави фотографии на Твитер од венчавката со новата сопруга д-р Анка Фаур (63), со која повеќегодини е во врска. Венчавката се случила завчера, на 20 јануари.
– На мојот 93. роденден, и на денот кога бев одликуван со орденот Живи легенди на авијацијата, задоволство ми е да соопштам дека се венчавме со мојата долгогодишна љубов Анка Фор. Стапивме во брак на мала приватна церемонија во Лос Анџелес и возбудени сме како тинејџери кои што избегале за да се земат – напиша Олдрин на Твитер.
Анка Фаур е хемиски инженер технолог и е извршен потпретседател на компанијата на Олдрин, „Баз Олдрин венчрс’.
Олдрин се венчаше и се разведуваше три пати пред да стапи во брак со Фор. Тој е единствениот жив член на тричлениот екипаж на Аполо 11. Нил Армстронг беше првиот астронаут кој стапна на месечевата површина, а 19 минути подоцна тоа го направи и Баз.
Откако ја заврши својата кариера како астронаут, Олдрин признава дека не знаел што да прави со својот живот. Се борел со депресија и алкохолизам, но пред повеќе од 40 години се ослободил од зависноста и се посветил на бизнисот. Поранешниот астронаут се повлече од НАСА во 1971 година, а во 1998 година ја основаше фондацијата „Шер спејс“, непрофитна организација за промовирање на истражувањата на вселената.