За приведувањето на трите лица во врска со грозоморното убиство на лекарот, кое се случи минатиот четврток, завчера и вчера информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а синоќа на барање на јавен обвинител на две од нив им беше определен краткотраен куќен притвор од 48 часа
Нема докази дека трите лица кои Министерството за внатрешни работи ги приведе во врска со убиството на 67-годишниот лекар пред поликлиниката „Железара“ го извршиле делото, информираа попладнево од републичкото Јавно обвинителство.
„До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина, не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело“,
се наведува во соопштението.
Од овие причини, велат оттаму, јавниот обвинител кој постапува во случајот нема да бара нови мерки за претпазливост против трите лица.
Инаку, како што информираа денеска од Обвинителството и од Основниот кривичен суд Скопје на двајца од приведените вчера вечер им бил одреден краткотраен 48-часовен куќен притвор.
„Јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан“,
велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Оттаму додаваат дека Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Мерката 48-часовен куќен притвор што им беше одредена на двајца од приведените, како што беше наведено во денешното соопштение на Обвинителството, била побарана бидејќи сè уште се работи на прибирање докази во врска со случајот.
„Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена“,
соопштија претходно денеска од Јавното обвинителство.
За приведувањето на трите лица во врска со грозоморното убиство на лекарот, кое се случи минатиот четврток, завчера и вчера информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Значи, приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичката состојба. Штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде известена“,
рече вчера Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Босилово.
Според техничкиот министер за внатрешни работи, преземени биле 20 истражни дејствија и за седум дена биле прегледани над 50 камери, односно видеозаписи.
„Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои нѐ водат до овие осомничени, две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија“,
рече министерот во средата во поткастот „Претрес“.
Првичните наоди, според Тошковски воделе кон тоа дека мотивот за убиството на докторот не е поврзан со неговата професија.
Пред неколку дена од Министерството за внатрешни работи рекоа дека истрагата е во напредна фаза, а биле извршени разговори со повеќе од 15 лица, а прегледани биле од 40 камери, вклучувајќи ги и тие на „Безбеден град“.
Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А. К. беше пронајден избоден до смрт во четвртокот доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“ паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.