НЕФИ УСЕИНИ И БРАТ МУ ПУШТЕНИ ОД ПРИТВОР, ПРИФАТЕНА ИМ Е ГАРАНЦИЈА ОД 850.000 ЕВРА

Охридскиот бизнисмен и градски советник од редовите на ДУИ – Нефи Усеини, и неговиот брат Ибро, од вчера доцна попладне се на слобода.

Од Основниот суд во Охрид за „Телма“ официјално потврдиле дека браќата Усеини ќе се бранат од слобода откако им е прифатена понудената гаранција во недвижен имот во вредност од 850 илјади евра.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ објасниле дека дале позитивно мислење затоа што веќе бил изготвен обвинителниот акт. Тие додаваат дека гаранцијата ги исполнува неопходните услови, а веќе биле прибрани и сите неопходни вербални и материјални докази кои го поткрепуваат обвинението.

По позитивното мислење на Обвинителството, Кривичниот совет на Основниот суд во Охрид ја прифатил гаранцијата и ставена е хипотека на деловниот простор што го понудиле браќата Усеини. Станува збор за три споени дуќани во Охрид со вкупна површина од над 200 метри квадратни.

Претходно, охридскиот суд ја прифати понудената гаранција на браќата Усеини во износ од 30.000 евра, но Апелацискиот суд во Битола, по жалба на Обвинителството, го поништи решението. Обвинителството, пак, заедно со обвинителниот предлог, побара продолжување на притворот за браќата Усеини поради можност од бегство.

Судењето на Нефи и Ибро Усеини за „насилство“ е закажано за 22 септември.

Извор: 365

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.