Не бев свесен дека мој пријател е еден од основачите, инаку ќе се изземев од одлучување

„Не кријам дека со Глигор сме пријатели. Во овој случај јас ја претседавав седницата на Владата и искрено не бев свесен дека тој е еден од основачите на ‘Неимар-13’. Инаку, прва работа што би ја направил, затоа што сум докажал досега, би се изземал од одлучувањето“, вели Битиќи за случајот што го отвори „Призма“ (БИРН)

Целосно го поддржувам Министерството за култура за првичниот предлог да и се отстапат простории на Драмски театар на „Неимар-13“ затоа што намерите биле добри и сериозни. Ова во интервју за „360 степени“ на МРТВ 1 го рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи прашан за случајот што го отвори БИРН, според кој Владата со потпис на Битиќи без надомест и доделила простор на непозната невладина организација меѓу чии основачи е и поранешен бизнис-партнер на Битиќи со кого заедно имале фирма.

Две недели подоцна Владата ја повлече ваквата одлука.

„Сум соработувал со многу луѓе. Убаво е што некој видел таму дека имаме некои меѓусебно поврзани работи. Искрено, јас таа фирма ја купив затоа што никогаш не помислив дека ќе завршам овде каде што сум. Ја купив една година претходно. Кога се случи да влезам во политиката, се одлучив дека ќе ја продадам. Инаку, беше со некој биланс од околу пет илјади евра затоа што не ни функционираше како таква. Но, не кријам дека со Глигор сме пријатели. Во овој случај јас ја претседавав седницата на Владата и искрено не бев свесен дека тој е еден од основачите на ‘Неимар-13’. Инаку, прва работа што би ја направил, затоа што сум докажал досега, би се изземал од одлучувањето. Не бев свесен дека тој е еден од основачите“,

рече Битиќи.

На новинарска забелешка дека ова е различно од образложението што им го дал на колегите од „Призма“ (БИРН) за кои изјавил дека ниту за еден од оние со кои соработувал во минатото не гледа морална и правна причина зошто би бил привилегиран или дискриминиран од страна на државата поради тоа што некогаш професионалните животни патеки им се споиле, а потоа им се раздвоиле, Битиќи сега вели дека кога би се изземал, тоа не значи дека би било за чија било дискриминација.

„Кога почнаа да зборуваат, го видовме концептот. Навистина овде целосно ги поддржувам Министерството за култура за нивниот првичен предлог да им се отстапи затоа што намерите биле сериозни и добри да се врати нешто што е изгубено“,

вели тој.

Битиќи рече дека имало законски рок во кој не е направено примопредавање и затоа на седница на Влада првичната одлука е отповикана. Според него, ова е изгубена можност.

Инаку, „Призма“ (БИРН) објави дека со одлуката од 13 февруари, Владата дала 650 квадрати, во склоп на Драмски театар на трајно користење на здружението „Неимар-13“. Тоа е посебната зграда од два ката, залепена до театарот.

Две недели подоцна, истиот ден откако од БИРН побарале Битиќи да ја објасни оваа одлука, владата донела нова одлука, со која ја поништила претходната и објектот повторно му го доделила на Драмски.

„Неимар-13“ не ѝ e познато име на јавноста, пишуваат од „Призма“. Залудни се обидите да се најде нешто за нивната работа на интернет, а не ги користат ниту вообичаените канали за комуникација, како што тоа го прават голем број активни невладини организации. Немаат интернет-страница, ниту, пак, канали на социјалните мрежи.

Самото здружение е формирано кон крајот на 2019 година, од петмина основачи, меѓу кои и Глигор Михаиловски. Во моментот кога го формира, тој е директор во фирмата „Омниум коучинг и тренинг“, чиј сопственик во тој момент е Фатмир Битиќи. Битиќи излегува од фирмата во 2020 година откако е избран за вицепремиер.

Пронајдете не на следниве мрежи: