Од митингот во Кичево, Силјановска-Давкова го прокоментира и извештајот на „Фридом Хаус“ за С Македонија, велејќи дека луѓето на највисоките позиции на власта, кои добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега велат оти ќе ја реформираат Македонија и додава оти „од луѓе потонати во корупција и криминал не бива реформатори“
Претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, вечерва од митингот во Кичево рече дека нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски не би можела да го предложи за судија во Уставниот суд зашто, како што кажа, критериумите кои таа ги има за уставни судии се многу високи.
„Претседателот откако вчера ме пофали, не знам дали чувте, дека сум била одлична професорка, дека сум била врвна интелектуалка и дека сум имала силна морална вертикала, па затоа кога ќе победел, ќе ме предложел за уставна судијка. Јас имам проблем. Не ќе може да го предложам за судија во Уставниот суд бидејќи критериумите што јас ги имам за уставен судија се многу високи“,
рече Силјановска-Давкова.
Од митингот во Кичево, Силјановска-Давкова го прокоментира и извештајот на „Фридом Хаус“ за С Македонија, според кој земјава заостанува во реформите и назадува во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„И замислете сега тие, кои сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега ќе ја реформираат Македонија. Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал. Не. Ние сме реформаторите, а тие ќе бидат клиентите. Крајно време е овие клиенти во сите области да одговараат. Се разбира пред независно судство“,
кажа претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
За независно судство, додава таа, претседателот може да помогне ако двајцата претставници во Судскиот совет кои се номинирани од него се луѓе со дигнитет, интегритет, посветени на правото, борци за владеење на правото.
„Но не е така бидејќи таму се по партиски клуч, а не за тоа што се најдобри“,
додаде Силјановска-Давкова.