Левица во својата политичка иднина има две битки, а првото полувреме е со СДСМ, вели лидерот на Левица Димитар Апасиев во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“.
-Значи тоа е процесот кој е веќе отпочнат, кој ние го предвидовме, а тоа е „пасокизацијата“. Тоа значи дека СДСМ паѓа под 200.000 гласови, заедно со коалицијата, а Левица сама крева над 100.000 гласови. И тоа тие го знаат, го знаеме и ние, го знае и ВМРО-ДПМНЕ, го знааат сите, бидејќи тие инвестираат во тие анкети, а ние немаме пари да инвестираме.
Значи, за прв пат се доближуваме до СДСМ. Јас тоа го објаснив и математички. СДСМ е во коалиција со 25 партии, а секоја од нив има по 1.000 основачи. Во старт 25.000 гласа. По четири најмалку од фамилија кои би ги гласале, тоа се 100.000 гласови. Ако одземете 200.000 минус 100.000 самата Левица е пата пата со СДСМ. Партија на партија – вели Апасиев.
Дури втората битка е со ВМРО-ДПМНЕ, кога Левица ќе има двоцифрен број пратеници, додава тој.
-Левица станува трета партија по големина, по сите стандарди. Имено, после Ес-Де-Ес и ДПМНЕ по инфраструктура ние имаме малтене во секоја трета општина канцеларија, тоа значи дека сме поголеми дури од ДУИ, зошто ДУИ е сконцентрирана во севернозападна Македонија.
Тоа го нема ниту една од помалите партии, бидејќи се шлепаат со други. Има една компаративна вредност дека за разлика од бројот на членови кај другите партии, кај Левица има еден феномен, односно Левица е антиклиенталистичка. На пример, ние имаме над 6.000 членови, а тежиме кон 100.000 гласови. Додека другите партии имаат, карикирам, 200.000 членови, 200.000 гласови – вели Апасиев.
Во однос на прашањето колку е пополнет црвениот тефтер на Левица, во кој партијата ги става политички непријатели, Апасиев вели:
„Па бајаги ни е пололнет, бајаги. Знаете, една е борбата вака преку закони и политички мерки, меѓутоа друга е борбата против политички непријатели, односно на оние кои се дрзнале на било каков начин да влезат против Левица. Дури, имавме ситуација и на физички напади врз членови на партијата и тоа ние не го простуваме.
Јавно кажуваме дека нема да им биде простено на тие параполициски структури кои што нападнаа наши членови на Мечкин Камен, а сега имаме инциденти и во Аеродром и на други места… Сето тоа е евидентирано и кога ќе дојдат нашите пет минути тоа нема да биде заборавено. Јавно го кажуваме и не се плашиме“.
Извор: Фокус