„Јас на почетокот на кампањата реков дека треба да го подигнеме нивото на комуникација, но очигледно Николоски нема капацитет тоа да го разбере. Александар Николоски е еден од најодговорните за директно лажење и манипулирање со граѓаните за време на ковид кризата. Преку свесно плашење на и онака исплашените граѓани, тој имаше единствена цел политички да профитира. Е тоа е злоупотреба“, вели ексминистерот за здравство и носител на листата од СДСМ во ИЕ 4, Венко Филипче
„Нечесно е да се злоупотребуваат човечки судбини и пациенти. Гледам оди по семејства коишто имаат болни или имале болни, се слика со нив и го објавува тоа на Фејсбук. Извинете, ама тоа е дно“, рече во интервју за „360 степени“ потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во „четворката’, Александар Николоски
„Александар Николоски не може да разбере што значи кога луѓето се задоволни од твојата работа, зашто тој впрочем никогаш ништо не работел. Откако на свои 24 години станал пратеник и политичар, единствено заработувал од даноците на граѓаните и со друго не може да се пофали. Во дваесетина години колку што е во политиката никој не памти ниту едно позитивно дело на Александар Николоски. Затоа не може да ја разбере поддршката која природно доаѓа од луѓе кои го ценат она што сум го сработил“. Ова вечерва го соопшти ексминистерот за здравство Венко Филипче, сега носител на пратеничката листа на СДСМ во изборната единица 4, во писмена реакција за изјавата на неговиот противкандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дадена во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Николоски, во настапот, рече дека Филипче за изборната кампања злоупотребува човечки судбини и здравјето на граѓаните кои некогаш му биле пациенти, како што вели, со тоа што им оди во посета, а потоа постира слики со нив на Фејсбук.
„Јас на почетокот на кампањата реков дека треба да го подигнеме нивото на комуникација, но очигледно Николоски нема капацитет тоа да го разбере. Александар Николоски е еден од најодговорните за директно лажење и манипулирање со граѓаните за време на ковид-кризата. Преку свесно плашење на и онака исплашените граѓани, тој имаше единствена цел политички да профитира. Е тоа е злоупотреба“,
вели Филипче.
Според него, Николоски е единствен политичар, кој ни помалку ни повеќе, го имаат демантирано Обединетите нации, како што вели, во неговиот занес на лаги.
„Додека ние секојдневно се обидувавме да ги смириме луѓето, додека со целиот тим во клиниките се боревме за секој живот, Николоски коваше планови како да смисли нова манипулација за прес-конференција. Тоа е неговиот придонес“,
вели Филипче.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во четвртата изборна единица, Александар Николоски, во емисијата „360 степени“ за својот противкандидат од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, рече дека оди кај своите пациенти, се слика со нив и потоа постира слики на Фејсбук. Според него, лекарите не им вршат услуга на граѓаните кога ги лекуваат, тие пред се лекуваат по Хипократовата заклетва и поради тоа лекувањето не треба да се пренесе во политиката злоупотребувајќи ги за изборна кампања.
„Нечесно е да се злоупотребуваат човечки судбини и пациенти. Гледам оди по семејства коишто имаат болни или имале болни, се слика со нив и го објавува тоа на Фејсбук. Извинете, ама тоа е дно. Нема друг израз, затоа што докторите лечат по Хипократова заклетва, да ги лекуваат оние на коишто им е најпотребно, не им вршат услуга. Затоа што во Македонија се создава впечаток дека кога доктор лекува некого, му прави услуга и сега тоа треба да се пренесе во политиката. Не треба да се злоупотребуваат човечки судбини за политичка кампања“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, посуштински е неговиот противкандидат во „четворката“ да одговори на прашањата што тој континуирано му ги поставува во овие две недели, кои како што вели, Филипче ги избегнува.
„Имајќи предвид дека решил да се врати во политиката, граѓаните очекуваат одговори, зошто Македонија имаше највисока смртност во корона-кризата од сите земји во регионот, што се случи со стерилизацијата која што отиде како јавно-приватно партнерство на една албанска фирма, каква е неговата улога во обидот за препродажба на една приватна болница тука во Скопје на еден албански бизнисмен? Или, на пример, каква е неговата улога во набавката на вакцини од компанијата ‘Страбри’ којашто е регистрирана за трговија со јужно овошје во Хонконг или, на пример, каква е неговата улога во модуларната болница Тетово во која 14 луѓе го изгубија животот“,
праша тој.
Ова, според него, се легитимни прашања на коишто очекува одговор.
„Како што е и добро да одговори која е неговата поврзаност со семејството Пановски, кое што е главен актер во случајот ‘Онкологија’, којшто ја тресе македонската јавност“,
рече Николоски.