Нихон Хиданкјо, јапонското здружение на луше што ги преживеале експлозиите на атомските бомби, е добитник на Нобеловата награда за мир за 2024 година, за „напорите да постигне свет без нуклеарно оружје и за ширењето свест, преку лични искуства, дека нуклеарното оружје никогаш повеќе не смее да биде употребено“.
Изборот на лауреатот е големо изненадување за светската јавност, која очекуваше да бидат наградени напори за запирање на војните на Блискиот Исток и Украина, за помош на цивилите во Газа или за борците за човекови права во Иран и Кина. За најголеми фаворити важеа Обединетите нации и нивното здружение УНРВА или генералниот секретар Антонио Гутереш, а најатрактивни имиња меѓу предложените кандидати беа Џулијан Асанж и папата Франциск, но и Володимир Зеленски, Јенс Столтенберг, Доналд Трамп и Илон Маск.
Нобеловата награда за мир лани ја доби иранската активистка Наргес Мохамади „за нејзината борба проти репресијата на жените во Иран и за борбата за промовирање човекови права и слобода за сите“. Мохамади сѐ уште не ја примила лично наградата, бидејќи отслужува казна во озлогласениот затвор Евин во Техеран.