На денешната владина седница помина одлуката за избор на новата локација за изградба на новиот Клинички центар. Министерот за здравство, Венко Филипче попладнево изјави дека локацијата ќе биде во општината Ѓорче Петров.
На седницата тој кажа дека била изготвена соодветна методологија од страна на работната група која ја основале во Министерството за здравство, а која ја сочинуваат експерти од министерствата за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање, агенциите за просторно планирање и за катастар.
– Се бодуваа трите локации во Карпош, Ѓорче Петров и Петровец кои стигнаа како предлози до Министерството за здравство. Овој тим експерти разработи методологија, ги бодуваше и со соодветни коефиценти ги мереше овие карактеристики, а има бројни карактеристики на земјиштето и се донесе заклучок дека е идеална локацијата во Ѓорче Петров прво заради положбата, понатаму заради тоа што најбрзо можеше да се изготват сите потребни проектни документи и заради тоа што најмалку чини, практично целото земјиште е државно, рече Филипче по посетата на ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по повод донација на прочистувачи за воздух.