Денес на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар беа пуштени во употреба нови и целосно реновирани операциони сали. Министерот за здравство Венко Филипче ја посети Клиниката, по што изјави дека салите биле во лоша состојба, руинирани, а сега се направени според сите светски стандарди.
-И следната година ќе продолжиме да инвестираме како во платите на здравствените работници, така и во инфраструктурата таму каде што е најкритично и најмногу потребно, а имаме сериозно голема причина да веруваме дека на крајот на 2019. година ќе го удриме темелот на новиот клинички центар, изјави Филипче.
Директорот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, Илир Хасани рече дека три од четири операциони сали се комплетно реновирани.
-Постоечката опрема е надополнета со висококвалитетна опрема, вклучувајќи оперативни столови, светло, како и опрема неопходна за функционирање на операционите сали, а направено е и сервисирање на постоечката опрема. Инсталиравме автоматски херметични врати наменети за операциони сали за да ги исполниме високите стандарди во оперативниот блок, рече Хасани.
Тој уште додаде дека станува забор за едни од најсовремените операциони сали, а средствата се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување, од Министерството за здравство, од приходи на Клиниката, како и од донации.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.