Нови 30 дена притвор за осомничените за убиството на Вања и Панче

Продолжен притвор од 30 дена добија петмината осомничените во случајот со  убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски.

Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се осомничени за грабнување и помагање на убиство и на Ѓорчевска и на Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Тие од почетокот на декември се во притвор во Шутка.

Продолжен е и притворот за Стефан Димковски кој е осомничен дека му помогнал на осомничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски Палчо да избега во Турција.

Вања беше грабната до влезот на нејзината зграда на 27 ноември. Истиот ден, според исказите на осомничените е убиена. Два и пол часа по нејзиното грабнување, односно околу десет часот е застрелана. Нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември во атарот на селото Бразда и Горно Оризари.

На ова му претходеше и грабнувањето и убиството на велешанецот Панче на 22 ноември. Неговиот автомобил Цитроен потоа е искористен за грабнувањето на Вања.

Првоосомничениот во случајот Палевски ја напушти државата на 30 ноември и кратко престојуваше во Белград. На 2 декември, осомничениот Димковски со возило Ленд Ровер го превезол Палевски преку Бугарија во Турција, каде по меѓународна потерница беше уапсен од тамошните власти во градот Баликесир.

Турското обвинителство во меѓувреме на Палевски му одреди привремен затвор во Казнено-поправна установа Беликсир.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.