Реал Мадрид во 28. коло од кошаркарската Евролига го забележа само шестиот пораз, но веќе втор во низа на домашен терен по оној во минатото коло до Панатинаикос, откако во четвртокот вечерта славеше турски Фенербахче со 89:79.
Гостите водеа во текот на целиот натпревар и постојано ги одбиваа нападите на Реал, кој не успеа да ја забележи 23-та сезонска победа. Турскиот тим до голема победа на гости го предводеа Најџел Хејс-Дејвис, кој впиша 17 поени и 12 скока и Ник Калатес, кој постигна 12 поени и по шест асистенции и скока. Кај Реал најмногу постигна Серхио Љул, 17 поени.
Барселона во ова коло беше успешна и на гостински терен ја совлада Валенсија со 88:78. Најдобри кај Каталонците беа Јан Весели со 21 поен и Никола Калиниќ, кој на своите 13 поени додаде четири асистенции и пет скока.
Ѕвезда на вечерта беше Мајк Џејмс, чиј Монако на домашен терен ја совлада Црвена ѕвезда со 98:80. На ово натпревар Џејмс постигна 20 поени и стана најдобар стрелец во историјата на Евролигата, соборувајќи го досегашниот рекорд на легендарниот грчки играч Василис Спанулис. Во моментов Џејмс е прв со 4.464 поени, додека Спанулис сега е втор со 4.455 поени.
Олимпијакос како домаќин беше подобар од Виртус од Болоња со 74:69. Анадолу Ефес беше убедлив пред своите навивачи и го победи Баерн со 109:86 со 28 поени на Шејн Ларкин и 21 поен на Вил Клибурн.
Реал Мадрид води на табелата со скор 22-6. Барселона сега има 19-9, а Монако 18 победи и десет порази. Фенербахче, Олимпијакос и Виртус Болоња моментално имаат скор 17-11.
Евролига, 28 коло:
Анадолу Ефес – Баерн 109:86
Монако – Црвена ѕвезда 98:80
Макаби Тел Авив – Жалгирис 83:76
Валенсија – Барселона 78:88
Реал Мадрид – Фенербахче 79:89
Олимпијакос – Виртус Болоња 74:69