Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 30 литри на квадратен метар за 24 часа. На планините ќе врне снег, а попладне, со продорот на постуден воздух од север, врнежите на некои од повисоките места ќе преминат во снег.
Ќе дува умерен ветер, кој во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе биде засилен до силен од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 2 до 10 степени, а максималните ќе достигнат од 5 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта постојат услови дождот да премине во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во одделни делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Температурата ќе се движи од минимални 7 до максимални 8 степени.
Врнежливото време ќе продолжи и во текот на викендот. Поради продорот на постуден воздух од север, во некои од пониските места ќе има дожд и снег, додека на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег.
На планините се очекува формирање нова снежна покривка до 20 сантиметри, а на повисоките места се очекуваат од 2 до 10 сантиметри снег. Во недела кон крајот на денот врнежите ќе престанат.
Од понеделник времето ќе биде стабилно, но студено.

