Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан го повика косовскиот премиер Курти и неговите колеги да се консултираат и да се координираат со меѓународната заедница и да престанат со некоординираните акции кои негативно влијаат на партнерството меѓи двете држави.
О’Брајан изјави дека САД се загрижени поради продолжувањето на некоординираните и провокативни акции на Владата на Косово.
„Како што е јасно во соопштението на американската амбасада во Косово, САД се загрижени поради продолжувањето на некоординираните и провокативни дејствија на Владата на Косово. Ја цениме работата на оние, вклучително и ЕУЛЕКС и КФОР, кои спречуваат насилство и повикуваат за континуирана воздржаност од сите инволвирани и засегнати Го повикуваме премиерот Курти и неговата влада да се консултираат и да се координираат со меѓународната заедница и да прекинат со некоординираните акции кои негативно влијаат на нашето партнерство“, напиша О’Брајан на социјалната мрежа „Икс“.
Припадници на специјалната единица на косовската полиција вчера попладне упаднаа во зградите во четири српски општини на север – Косовска Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Претседателот на Српската листа, Златан Елек, посочи дека вчерашниот упад во институциите на Република Србија покажал дека Аљбин Курти не ги сака институциите на Србија, ниту Заедницата на српски општини, ниту Србите на Косово, особено во северот.