Таа силата ја пронаоѓа во своите ќерки, нивните насмевки се најголемата мотивација во нејзиниот живот
Сара Беро роди близначки на 20 години, а денес заради пожртвуваноста кон нив, го носи епитетот Мајка Хероина.
Таа најпрво ги роди близначките Ирма и Илда, кои имаат Даунов синдром, а потоа и нивната сестричка Ина која не е со попреченост.
Но тоа што близначките се родени со Даунов синдром не ја поколеба Сара, туку таа со својата борба и грижа направи мали чекори за другите мајки кои се соочуваат со истите проблеми и големи чекори за децата со попреченост. Таа денес е претседателка на првото здружение на деца и млади со Даунов синдром во Црна Гора и една од ретките жени кои отворено зборуваат за проблемите на овие деца и пожртвувано се бори да се подигне свеста за нив.
Како што самата вели, таа е навикната да се бори и да се грижи за себе, а од своите ќерки не се откажала, иако нејзината свекрва, кога ги родила близначките, ја советувала да ги остави. Таа гордо истакнува дека работи уште од деветгодишна возраст, кога продавала бурек во пекарницата на својот татко.