Јапонија во петокот објави историска промена во безбедносната политика, со планови за масовна мобилизација и удвојување на воениот буџет поради растечките амбиции на Кина и Северна Кореја во регионот.
Ревидираната безбедносна стратегија, објавена во владиниот документ од премиерот Фуми Кишида, е отстапување од пацифистичката безбедносна доктрина по Втората светска војна, наметната на Јапонија од страна на САД.
Буџетот за одбрана речиси ќе се удвои во следните пет години, на 2 отсто од БДП, што ќе го направи трет по големина во светот, по САД и Кина.
Јапонија смета дека денешната безбедносна средина е најсериозна и најкомплицирана од Втората светска војна. Военото присуство на Кина во регионот претставува најголем стратешки предизвик на сите времиња, се наведува во документот, што одговара и на зборовите на американскиот сојузник.
Јапонија стравува дека еден ден Кина би можела да го нападне Тајван, како што Русија ја нападна Украина, пренесува dpa.
Официјален Токио е загрижен и за присуството на кинески бродови во близина на архипелагот Сенкаку во Источното Кинеско Море. Јапонија го контролира тој архипелаг, но за свој го сметаат и Кина и Тајван.
„Со давање јасна, недвосмислена стратешка изјава за улогата на Јапонија како гарант за безбедноста во Индо-Пацификот, Кишида започна нова ера во одбрана на демократијата“, напиша во петокот американскиот амбасадор Рам Емануел.
И покрај ова, Јапонија рече дека сака да се придржува до политиката „единствено насочена кон самоодбрана“, нагласувајќи дека не сака да стане воена сила.
Во петокот Токио објави план за враќање на нуклеарната енергија, која постепено беше напуштена по нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, поради растот на цените на енергијата.