Од овие избори зависи дали Македонија ќе продолжи кон развиениот свет


Овие избори се многу важни, затоа што од нив зависи дали Македонија ќе продолжи по истата патека и истата магистрала кон Европа и кон развиениот свет или ќе се враќа назад во името на режимот, во кој државата беше цели 11 години, порача кандидатот за претседател Стево Пендаровски на вечерашниот митинг на платото пред Дом на АСНОМ во Делчево.

Се осврна и на најважните работи за државата, кои како што рече, се направени во изминатите години.

-Како претседател најголемата работа која ја направивме, за која ни требаше многу памет многу искуство, многу напор и многу време е што го постигнавме договорот со Грција и конечно станавме членка на НАТО. Тоа е според мое убедување најважната работа која сме направиле по 91-та година, рече Пендаровски напоменувајќи дека во овој момент сме заедно со 31 друга држава во организацијата во која се најмоќните армии и најјаките економии, седејќи рамо до рамо со една Америка, Британија, Франција.

Како втор чекор Пендаровски го напомена фактот што, како што рече, после 17 долги години чекање, се започнаа преговорите со Европската Унија.

-Ниту една политичка гарнитура претходно, а не, пак, претходната влада немаше храброст да ги одвои тие преговори, за тоа што си ги чуваа фотелјите, парите, власта и моќта. Оваа политичка структура, од која и јас сум дел веќе 20 години наназад, се одважи, ја прифати европската преговарачка рамка со која се гарантира македонскиот национален идентитет, самобитноста и посебноста на македонскиот литературен јазик. Се гарантира македонското име, е гаранцијата дека македонското име со таа рамка нема никогаш да загине и е гарантирана со таа временска рамка за сите времиња, додаде Пендаровски.

За жал кога требало да се продолжат преговорите со европската Унија, како што рече, како држава наидовме на двојна опструкција една од надвор од Бугарија и една од внатре.

-Членки се на Европската Унија, ние не сме и од тој аспект не можевме да одиме понатаму и бевме блокирани. Меѓутоа она што посебно ме боли и не боли сите нас е тоа што имавме внатрешна од опозицијата, која од пуста желба да дојде што е можно побрзо на власт, ги опструираше тие преговори. Ја опструираше европската преговарачка рамка и уставните измени. Уставните измени за кои треба 2/3 во Собранието, се ништо опасно за Република сега Северна Македонија. Треба покрај 7 народи кои ги имаме сега во Уставот да ставиме уште 6 други, рече Пендаровски.

За опозицијата тоа, според него, било смртен грев, без да дадат одговор која е нивната алтернатива.

-Кога ги прашуваме која е нивната алтернатива, велат сите овие договори кои ги спомнуваме дури и Охридскиот договор наново ќе ги преговараат.

Велам во ред како ќе го направите тоа, остануваат неми или велат изберете не на власт, па ќе ви кажеме во понеделник наредниот ден после изборниот ден. Тоа почитувани пријатели е продавање политичка магла. Сериозен човек кој се нафаќа, за сериозна функција, за највисока позиција, претседател, премиер, министер пратеник, не смее да си игра играчки и да го потценува умот на неговиот народ и неговите граѓани, додаде Пендаровски.

Подвлече дека опозицијата нема план Б, велејќи дека целта им е да дојдат и да бидат долго на власт како нивниот ментор Груевски. Сите луѓе кои се во раководството на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека се деца на Груевски, напоменувајќи дел од аферите кои, како што додаде, ги одбележале во изминатите години, напоменувајќи ја аферата со прислушување, тепањето пратеници во Собранието и затворањето новинари, нешто на што, како што дополни, деновиве повторно потсетиле, алудирајќи на случајот со новинарот Салиу.

Македонските граѓани, како што заврши Пендаровски, немаат намера да го повторуваме бурното негативно историско искуство од режимот кој 11 години, според него, ја блокираше државата и го малтретираше сопствениот народ.

Пендаровски денеска, изборниот караван го започна со средба со граѓаните на Македонска Каменица, а се сретна и поразговара и со жителите на Пехчево и на Берово.

Посочувајќи дека често доаѓа во овие градови и дека е запознаен со проблемите на локалното население, истакна дека знае дека многумина од нив поминале низ голготата на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во контекст на актуелните случувања со блокадата на Бугарија, Пендаровски посочи на ставот на опозицијата дека ќе го поништи Договорот од Преспа и „магично“ ќе го реши проблемот со Бугарија.

-Сакаат да ги поништат сите договори и да почнат сè од почеток. Да не ве лажат, тие имаат само план за власт. Тие велат Рамковниот договор не им се бендисува, ама само што ќе дојдат на власт веднаш прават коалиција со албанска партија. Ако се на власт ќе владеат исто, затоа што станува збор за истите луѓе. Генералниот секретар на Груевски е денешен претседател на ДПМНЕ. ВМРО треба да каже кои јаки меѓународни пријатели ги имаат за да сменат нешто со Бугарија. А ние знаеме кои се нивни пријатели, подвлече Пендаровски.

Истакна дека ниту една политичка гарнитура не можеше да ја интегрира земјава во НАТО и додаде дека благодарение на пријателите на оваа земја го постигнавме максимумот и склучивме добри договори.

-Нема стратешка одлука без ветер во грб од граѓаните. Ви благодарам што нè поддржавте во сите тешки одлуки за државата, додаде Пендаровски.

Барајќи ја поддршката од граѓаните на Македонска Каменица, Пехчево и на Делчево претседателскиот кандидат Пендаровски рече дека на 24 април ќе покажеме дека ја одбираме опцијата 1, која за разлика од опозицијата, не го дели народот и ја води државата напред.

 

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: