Од утре почнува тридневното гласање на предвремените парламентарни избори

На 3.390 избирачки места на десеттите предвремени парламентарни избори можат да гласаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Гласањето на овие парламентарни избори поради актуелната пандемија на КОВИД-19 првпат ќе се одвива три дена.
На 13 јули ќе гласаат болните од КОВИД-19 и лицата во самоизолација. Општинските изборни комисии прифатиле 716 барања од лица позитивни на коронавирусот или во самоизолација за гласањето што треба да се спроведе утре. До ОИК пристигнале преку 770 вакви барања, а од вкупно 80 општини во 57 ќе гласаат заболени од Ковид-19 и лица во самоизолација.
Според информациите од ДИК, се финализира комплетирањето на посебните избирачки одбори кои треба да го спроведат ова гласање, а се составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.
Во вторник, на 14 јули ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор. Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Гласањето во вторник ќе го спроведат избирачките одбори.
На изборниот ден, 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во седум часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори, кога гласачките места се затвораат во 19:00 часот.
По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата што во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.


Кој може да гласа?
Право на глас има секое лице што е запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош. Гласањето се врши лично.
Гласањето ќе се одвива во согласност со протоколите на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат мерки на заштита на избирачките места за луѓето што го спроведуваат гласањето, како и за гласачите.
Според протоколот за гласање, најпрвин полицијата на влезната врата од гласачкото место ќе бара гласачите да стават заштитна маска.
По влегување во објектот, ред за гласање се чека на дистанца.
При влегување во просторијата, гласачот прво ги дезинфицира рацете, ѝ ја подава личната карта на изборната комисија. Накратко ја симнува маската за идентификација, гласа и на излегување повторно ги дезинфицира рацете.
Во просторијата за гласање не може истовремено да има повеќе гласачи од вкупниот број паравани за гласање.
По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.
Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студентска легитимација и друго.
Ако избирачот што се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток, тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од Избирачкиот список.
Не смее да гласа избирач што ќе одбие да се потпише во Избирачкиот список
Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата на кандидати, и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Доколку гласачот погреши, нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.
Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач, освен во случај кога на гласачот му е потребна помош. Лицата со физички недостаток и неписмените, според Изборниот законик, имаат право со себе да повикаат лице што ќе им помогне при гласањето.
Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането
Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело во Република Македонија. Со Уставот на Република Македонија се гарантира правото на тајност на гласачите. Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето. Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг значат кршење на избирачкото право, претставуваат основа за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.
Член на изборен орган што работи спротивно на одредбите на Изборниот законик може да заработи прекршочна пријава и глоба во износ од илјада до три илјади евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на физичко лице што гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.


Гласањето завршува во 21:00 часот
Гласачкото место се затвора во 21 часот, а на лицата што се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат.
Прекин на гласање може да има доколку на гласачкото место се наруши редот сè додека тој не се воспостави, во случај на временски непогоди и други вонредни околности, ако приодот до гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба, и доколку полицијата е повикана и не се одѕвала на повикот.
Доколку гласањето биде прекинато пократко од еден час тоа не продолжува по 21 часот, но ако е прекинато подолго од три часа не продолжува истиот ден.
Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице што не се придружува кон оваа забрана.
На избирачкото место никој не смее да дојде вооружен, освен припадници на полицијата. Полицајците можат да влезат на гласачкото место само во случај кога се повикани од избирачкиот одбор и кога ќе забележат сериозно нарушување на редот и мирот.
Броење на гласовите
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Жалби
Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Секој избирач кому му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.
Против одлуката на ДИК гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија, кој, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.
Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.