Папата побара свикување на конклавата за избор на негов наследник

Папата римокатолички Бенедикт Шеснаесетти во понеделник повика на свикување на конклавата (советот на кардиналите кој се состанува за избор на папа) за да биде избран негов наследник откако претходно претпладнето го најави своето повлекување од папската служба.

 
Папата Бенедикт Шеснаесетти својата одлука ја образложи со својата поодмината возраст кога го чувствува големиот товар на папската должност, како и дека долго време ја обмислувал својата одлука којашто, како што рекол, ја донел за доброто на црквата.
Папата во својот говор нагласил дека причина за неговото заминување е во прв ред здравствената ситуација, а од медицинскиот персонал кој се грижи за неговата здравствена состојба, се дознава дека Папата има болки во зглобовите и ревматски болки, како и дека на неговата општа здравствена состојба влијае и товарот на папската должност. Папата, исто така, пати и од фибрилација на срцевата преткомора, но како што забележува Аnsa, одбива да ги зема препишаните лекови антикоагуланти.
„Во денешниот свет, изложен на толку брзи промени и потресен од прашањата од длабока важност за живото на верата, за да се управува со коработ на Свети Петар и да се прокламира Евангелието, потребна е силната и на телото и на духот. Силата во мене толку ослаби што морам да ја признам својата неспособност на соодветен начин да управувам со службата којашто ми е доверена”, изјавил Папата, објавувајќи дека ја напушта папската должност, пренесува AFP.
Минатата година папата почна да користи бастун за олеснување на одењето, а медиумите пишуваа дека има многу потешкотии и кога треба да прочита подготвен говор. Јозеф Алојз Ратцингер, на 85 години, стана папа Бенедикт XVI во април 2005 година, по смртта на папата Јован Павле Втори. Ратцингер е роден на 16-ти април 1927 година, во селото Марктл-ам-Ин во Баварија, во семејство на полицаец.
Кога беше избран за 265-от папа, имаше 79 години, и беше еден од најстарите избрани поглавари на римокатоличката црква во историјата, откако претходно тоа се случило во 1730 година, кога бил избран папата Клементе Дванаесетти.
Инаку во историјата на католичката црква досега само еден папа отстапил од Светата столица, и тоа папата Селестин Петти кој бил избран во 1294 година. Тој се повлекол само неколку месеци откако бил избран, а негов наследник бил Бонифаз Седми кој наредил да биде затворен.
Бенедикт Шеснаесетти потврдил дека „е целосно свесен за тежината на својот чин”, како и дека „со целосна слобода” се „откажува од службата на римски бискуп наследник на Свети Петар.
Извори во Ватикан велат дека ниту најблиските соработници на Папата не знаеле што има намера да стори.
Светата столица објави дека очекува оти периодот меѓу папското повлекување и изборот на неговиот наследник ќе биде што покус. Меѓутоа, сéуште нема знаци кога кардиналите ќе се соберат за избор на новиот папа.
Папата Бенедикт Шеснаесетти ќе ја води Католичката црква до 20 часот на 28-ми февруари 2013 година, која се повлекува од службата, а својата одлука ја донел во согласност со законите на црквата и целосно слободно, изјави подоцна во понеделникот портпаролот на Ватикан, отецот Федерико Ломбарди, додавајќи дека оваа одлука „сите ги изненадила”, бидејќи за неа не занеле ниту најблиските соработници на папата.
Според Ломбарди, Бенедикт Шеснаесетти по заминувањето од должноста ќе замине во папската летна резиденција во близина на Рим, а потоа ќе се повлече во манастирот на територијата на Ватикан.
Папата не се плаши дека ќе дојде до раскол во Католичката црква по неговото заминување, додал Ломбарди, објаснувајќи дека Бенедикт Шеснаесетти нема да учествува во изборот на новиот папа.
Деканот на Кардиналскиот собор, кардиналот Анџело Содано, изјавил дека одлуката за повлекување дошла како „гром од ведро небо”, пренесува италијанската новинска агенција Ansa.
Братот на папата Бенедикт Шеснаесетти, Георг Ратцингер одлуката на папата ја протолкува со тоа што лекарите го советувале повеќе да не оди на прекуокеанските патувања, како и дека со месеци наназад размислувал за оваа одлука, пренесуваат во понеделникот германските медиуми.
Комуницирајќи со медиумите од својот дом во Регенсбург, Георг Ратцингер изјави дека неговиот брат имал се повеќе проблеми со одењето и дека неговата одлука е дел од „природен процес”.
„Неговите години го притискаат. Во овие години мојот брат сака повеќе да се одмори”, рекол Георг Ратцингер.
Макфакс
Папата римокатолички Бенедикт Шеснаесетти во понеделник повика на свикување на конклавата (советот на кардиналите кој се с

Пронајдете не на следниве мрежи: