Денеска во Кабинетот на Претседателот се одржа 5-та седница на Советот за безбедност, посветена на вонредната состојба воведена заради заштита и справување со епидемијата со коронавирусот.
Согласно направените проценки за периодот кој следи, јасно е дека е потребно повторно прогласување на вонредна состојба. Одлуката ќе ја донесам согласно моите уставни надлежности и ќе трае во следните 30 дена, истакна претседателот Стево Пендаровски.
-На советот се согласивме дека надлежните служби работат посветено и вложуваат максимални напори. Здравствениот кадар, полицијата, армијата се мобилизирани деноноќно во сите критични региони, имаат одлична соработка на терен, а ефективно се спроведуваат и насоките и препораките од Светската здравствена организација. За нивната пожртвуваност и деноноќен ангажман, на сите нив, во име на граѓаните, им се заблагодарувам. Советот за безбедност дискутираше и за Одлуката за прогласување на вонредна состојба, која ја донесов на 18 март оваа година. Во изминатиот период на дневна основа добивав информации од Централниот кризен штаб и Владата во текот на вчерашниот ден ми достави и Извештај за мерките и активностите во изминатите 30 денови и предлог за воведување на вонредна состојба во следните 30 дена, рече претседателот.
Тој ги икоментира правните дилеми кои се појавија во стручната и во генералната јавност последните денови.
-Јасно е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација: Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредната ситуација. Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, што значи дека тие се се уште со валиден мандат, а Собранието, сепак, не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето на ваква одлука, само затоа што имаме ситуација без преседан кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето, отколку да се криеме зад правни толкувања. Затоа, сакам да го разјаснам и следново: постојната вонредна состојба завршува денеска поради истекот на рокот од 30 дена за кој беше утврдена и нема да биде формално правно продолжена бидејќи за тоа нема уставен основ. Затоа, јас, денеска, врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуацијата кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење на вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата. Но, ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање, затоа што на средината на мај ќе ги имаме истите правни дилеми пред себе, порача претседателот.