Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против Д.П., полициски службеник во Полициската станица за гранични проверки и граничен премин Деве Баир, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик и пријава за констатиран прекршок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против Н.Д., исто така, полициски службеник во Полициската станица за гранични проверки и граничен премин Деве Баир, соопшти денеска МВР за инцидентот во кумановско казино, од кој видео објави и министерот Панче Тошковски.
На 04.11.2023 во казино во Куманово, пријавениот Д.П. физички нападнал лице вработено како обезбедување во казиното и агресивно се однесувал кон полициски службеници од Полициската станица Куманово, кои извршувале службени дејствија. Н.Д., кој бил заедно со Д.П., го нарушил јавниот ред и мир и агресивно се однесувал кон обезбедувањето. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против двајцата полициски службеници поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 од Колективниот договор на МВР. Додека за Д.П. изречена е мерка за отстранување од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка, се вели во соопштението.
Од МВР додаваат дека при преземање мерки за расчистување на случајот било констатирано дека при интервенцијата, Д.К. и Ф.М., двајцата полициски службеници од Полициската станица Куманово, не ги преземале сите потребни службени дејствија против лице од обезбедувањето во казиното и не изготвиле поднесок против него.
И против нив Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дициплинска одговорност по член 210 од Колективниот договор на МВР.