Пливачката легенда Томи Стефановски исплива 15 километри за децата со атипичен развој и инвалидизираните лица

Во рамки на хуманитарниот настан „Пливање за инклузија“ македонскиот пливач Томи Стефановски четири часа пливаше во Охридското езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица.

-Оваа соработка која настана и ме мотивираше да го поставам овој предизвик, сакам да прерасне во традиција. Секоја година на 14-ти август да се потсетуваме дека треба да се грижиме за сите деца кои, поради различни причини, не добиваат можност да бидат дел од спортот и општествените настани“, рече Томи по завршување на пливањето на Охридското пристаниште.

Хуманитарниот настан Стефановски го организира со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот Пливачки Маратон.

Повод за овој 15 километарскиот подвиг од хотел Десарет во месноста Пештани, до Црквата Св. Јован Канео и назад до охридското пристаниште, е 15 годишнината откако Стефановски го препливува каналот Ла Манш. Тогаш, потфатот на Стефановски траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149 годишната историја на препливување на каналот.

Пронајдете не на следниве мрежи: