Поднесено ново обвинение против Рамиз Мерко, незаконски именувал в.д. директор на училиште

Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинение против градоначалникот Рамиз Мерко. Како што соопштија утрово од републичкото Јавно обвинителство, Мерко е обвинет дека пред две години незаконски именувал в.д. директор на основно училиште во селото Лабуништа.

Според Обвинителството, против Mерко е поднесен обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка, за кривичното дело несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Ставот 1 за ова кривично дело предвидува затворска казна од три месеци до три години.

Во кусото образложение на делото за кое струшкото Обвинителство го товари градоначалникот се наведува дека тој како службено лице, односно градоначалника на Општина Струга на 31 јануари 2022 година свесно ги повредил законските прописи при именувањето на вршител на должност директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа.

„Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Со тоа, според Обвинителството, Мерко овозможил на незаконски именуваната директорка 19 месеци да ѝ се исплаќа плата и придонеси на штета на училиштето.

Инаку, пред неполн месец Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против струшкиот градоначалник поднесе обвинение за набавката на луксузното „ауди“ на трошок на Општината.

Информацијата за поднесеното обвинение против Мерко беше соопштена на брифинг за навнарите што на 1 март го организираше шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Во врска со предметот беше кажано дека обвинението е поднесено по долга и макотрапна истрага.

Во овој случај тој се гони за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска став 1 од Кривичниот законик, а согласно измените на КЗ кои претрпеа измени на 6 септември минатата година.

Според ставот 4 од Кривичниот законик, за делото за кое ОЈО ГООК го товари Мерко, е предвидена затворска казна од една до пет години.

Предметот против струшкиот градоначалник првично го отвори Државната комсиија за спречување на корупција (ДКСК во мај 2019 година, а една година подоцна поднесе иницијатива до Обвинителството за негово кривично гонење.

Заклучоците на Антикорупциска беа дека Мерко ја злоупотребил службената положба и овластување со набавката на четири возила во вредност од 114 000 евра. Меѓу нив беше и набавката на луксузното „ауди“ во вредност од 67 000 илјади како службено возило за градоначалникот.

Обвинителниот предлог за набавката на „аудито“ ОЈО ГОКК го поднесе до Основниот кривичен суд Скопје, но оттаму соопштија дека се ненадлежни да постапуваат предметот и најавија дека ќе го испратат во Основниот суд во Струга.

Пронајдете не на следниве мрежи: